Replek

ноември 22, 2022

НЕУРОВИТ помага во исхрана и регенерација на оштетените нерви

Што е невропатска болка?   

 

Невропатската болка (NeuB) е сложен тип на болка којашто се јавува поради повреда или дисфункција во нервниот систем и се дефинира како болка којашто настанува како директна последица од лезија или од болест на централниот или периферниот нервен систем.  

 

Причините за појавата на невропатската болка на централниот нервен систем вклучуваат: мозочни удари, трауматски повреди, невралгии, додека пак причините за појавата на невропатската болка на периферниот нервен систем вклучуваат: невропатија на компресија/вклештување на нервите, исхемична невропатија, посттрауматска невропатија (се јавува по повреда или како резултат на медицински процедури – операција или инјекција, постхерпетична невралгија (може да се појави по вирусна инфекција на херпес зостер, ковид) и дијабетична невропатија. 

 

Кога сетилниот систем е погоден од повреда или болест, нервите во тој систем не можат да функционираат за да ја пренесат сензацијата  до мозокот. Невропатската болка е опишана како чувство на боцкање, трнење  или печење. Ваквата болка може да исчезне спонтано, но често е хронична. Некогаш е силна и континуирана, а понекогаш повторувачка (се јавува и исчезнува во периоди). Често е резултат на оштетување на нервите или неправилно функционирање на нервниот систем. Оштетувањето на нервите доведува до промена во нервната функција на местото на повредата и регијата околу него т.е. деловите на телото кои се инервирани од оштетениот нерв. Невропатската болка се развива постепено, тоа е спонатана болка  која води до чувство на трнење (иглички), печење, прободување или пак недостаток на сензација (вкочанетост).  

 

За многу пациенти, интензитетот на симптомите може да се намали и да опаѓа во текот на денот, а кај други пак, болката останува континуирана и силна. Невропатската болка многу често е поврзана со оштетување на периферните нерви (невропатија) предизвикана од дијабетес или ‘рбетна стеноза, повреди и вклештување на нервите. Почетокот на болката може да биде одложен, па дури да започне и подоцна (месеци или години по примарниот настан на повреда).  

 

Невропатската болка се разликува од ноцицептивната болка, која пак од своја страна  е тип на болка што се јавува при акутна повреда како што е кршење на прстот или убод на прстот кога се оди бос. Овој тип на болка е типично краткотраен и обично реагира на вообичаените лекови за болка, за разлика од невропатската болка. 

 

Слични Артикли

Колосал® – нов пристап за здрав цревен микробиом

Мигрена – повеќе од обична главоболка

Дебелината како пандемија