октомври 3, 2022
Витаминот Б12 е есенцијален витамин кој е растворлив во вода и кој во природата е присутен само во храна од животинско потекло и треба да се внесува со храна или со користење производи кои содржат витамин Б12.
Овој витамин е кофактор на два важни ензими неопходни за анаболните и катаболните процеси во организмот и има клучна улога во синтезата на ДНК, липидите и протеините, во клеточната делба, формирањето на еритроцитите и во миелинизацијата на нервните клетки.
Витаминот Б12 покрај тоа, е неопходен за одржување на нормалното ниво на хомоцистеинот во крвта, а со тоа и на структурата и функцијата на нервниот систем, особено за одржување на когнитивните функции (како концентрација, учење, меморија, резонирање), намалување на ризикот за нивно опаѓање со стареење и појава на Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест, како и деменција. Нормалното ниво на хомоцистеинот е поврзано и со намален ризик од кардиоваскуларни и невроваскуларни болести, нарушување на функцијата на бубрезите, како и со можен намален ризик за појава на карцином.
Посебно внимание последниве години се посветува на проучување на неговата улога како имуномодулатор на целуларниот имунитет, пред сè во зголемување на бројот на CD8+ или NK клетките, кои се важни за уништување на канцер клетките.
Генерално, витаминот Б12 има улога во растот и одржувањето на здравјето на организмот, во сите фази на животот.
Ниското ниво на витаминот Б12 кај трудници е поврзано со зголемен ризик од дефекти на невралната туба. Одредени популациски групи со посебен животен стил, на пример вегани и вегетаријанци, се изложени на ризик од недостаток на витамин Б12, поради отсуство на витамин Б12 во нивната исхрана. Кај 10-30 % од постарите лица, како и лицата со одредени болести има намалена апсорпција на витамин Б12. За овие популациски групи се препорачува суплементација на витаминот Б12 за подобро општо здравје.
Најновите студии укажуваат на можни позитивни ефекти од примената на витамин Б12 при SARS-CoV-2 инфекција. Нивото на витаминот Б12 е поврзано со тежината на симптомите на SARS-CoV-2 инфекцијата, преку следниве проучувани механизми: намалување на оксидативниот стрес, подобрување на циркулацијата (со намалување на нивото на хомоцистеинот кој ја нарушува микроциркулацијата на кардиоваскуларниот систем, нервниот систем и бубрезите) и со противвоспалителното дејство.