април 15, 2025
Инспирирани од уверувањето дека личната грижа и навремената превенција се клучни фактори за здрав и квалитетен живот, на 14.04.2025, во организација на Реплек АД, се одржа работилницата „РЕализирај се: вРЕме е за себе, вРЕме е за пРЕглед“ . Овој настан беше посветен на женското здравје, со акцент на раната превенција на рак на дојка.
Работилницата ја отвори генералниот директор на Реплек АД, Душан Пецовски, кој потенцираше дека здравјето и благосостојбата на вработените се врвен приоритет и составен дел од корпоративната култура на компанијата.
„Веруваме дека свесноста и информираноста се првиот чекор кон здрав живот. Затоа денес сме тука, да научиме, да споделиме и да ги охрабриме сите жени да одвојат време за себе и своето здравје,“ – истакна Пецовски во своето поздравно обраќање пред присутните.
На настанот беше истакнато дека жените често го ставаат сопственото здравје меѓу последните точки на својата агенда, поради многуте обврските во секојдневието, па токму затоа оваа иницијатива имаше за цел да потсети на важноста од редовните прегледи и грижата за себе.
Присутните имаа можност да погледнат стручни презентации од реномирани доктори – врвни експерти во областа на радиодијагностика и јавно здравје.
Доктор Светлана Темелковска, специјалист радиолог за дојка од Институтот за радиологија и член на Националната комисија за рана детекција на рак на дојка, зборуваше на тема: „Раното откривање на ракот спасува животи“.
Во фокусот на предавањето на доктор Маја Јакимовска, субспецијалист за дојка од ГОБ „8ми Септември“, беа „Современи методи на дијагностика“ со посебен акцент на значењето на скрининг програмите.
Пред присутните доктор Елена Ристовска, државен советник и одговорно лице за програмата за скрининг при Министерството за здравство, ја претстави националната програма за рана детекција на малигни заболувања.
Настанот поттикна интерактивна и отворена дискусија меѓу учесниците. Присутните имаа можност да поставуваат прашања и да споделат лични дилеми поврзани со темата за ракот на дојката.
Учесниците на настанот добија прилика да се информираат и како доброволно да се пријавуваат за скрининг мамографијакојасе спроведува согласно Скрининг програмата за рано откривање на рак на дојка на Министерството за здравство. Работилницата РЕализирај сè: вРЕме е за себе, вРЕме е за пРЕглед“ испрати силна порака дека грижата за себе не смее да биде нешто што се одложува – туку врвен приоритет.