ноември 22, 2022
Зуењето во ушите или тинитус како медицински термин преставува субјективно чувство на звук во ушите без надворешна дразба. Тинитус е проблем којшто може да се појави кај сите возрасни категории и кај двата пола. Всушност, самиот тинитус преставува симптом што значи дека не е болест, но неговата појава може да го води докторот кон дијагностицирање на одредено заболување. Со брзото темпо на живот, со зголемената акумулација на стрес во организмот, се зголемува и бројот на пациенти коишто се јавуваат во ординациите со ваков проблем. Посебно, треба да се забележи дека од почетокот на пандемијата се зголеми бројот на пациенти коишто се жалат на зуење во ушите. Исто така, овој симптом се забележува сè повеќе и кај младата популација, за разлика од претходно кога зуењето како симптом беше карактеристичен за возраснатите.
Во однос на причините коишто доведуваат до појавата на овој симптом не може да се зборува со точност бидејќи во најголем број од случаите не може да се открие конкретната причина за појавата на овој симптом. Тинитусот како симптом е субјективен и го чувствува само пациентот, така што лекарот нема дијагностичка метода со која би можел да го докаже или отфрли фактот за постоењето на овој симптом, но секако тоа не треба да го обесхрабрува ниту лекарот, ниту пак пациентот. Една од можните причини за појава на зуење во ушите е нарушената циркулација која може да се јави во склоп на многу заболувања на пример, кардиоваскуларни заболувања, проблем со вратната кичма, нарушувања на функцијата на тироидната жлезда и друго. Исто така, како можни причини кои не треба да се занемарат се следниве: возраста на пациентот, воспалителните процеси, туморозните промени, акустичните трауми, болести на централниот нервен систем и други. Имајќи го предвид фактот дека голем број на нарушувања на здравјето како симптом може да го имаат и тинитусот, пациентот треба внимателно да се прегледа за да не дојде до погрешна дијагноза, и секако до погрешно лекување.
Навременото барање на лекарска помош од страна на пациентот би значело навремена дијагностика и навремен соодветен третман. Низ секојдневната пракса може да се забележи дека една од најчестите причини за кои се претпоставува дека доведуваат до појавата на овој симптом се циркулаторните нарушувања што од своја страна води до нарушена васкуларизација на ткивата и органите што резултира со оштетување на истите, вкучително и органот за слух и слушниот нерв што пак од своја страна значи појава на тунитус и нарушен слух. Тука би ја споменала и возраста на пациентот, која исто така корелира со зголемена можност за појава на тинитус бидејќи знаеме дека стареењето на организмот, значи и стареење на сите органи и ткива, односно нивна намалена функционалост.
Во однос на терапијата, најпрво е лекувањето на основната причина која довела до појавата на зуење. Секако, во најголем број на случаи со решавањето на примарниот проблем се решава и проблемот на тинитусот, но кај одреден број на пациенти кај кои не е најдена причина, или пак причината која довела до зуење во ушите не може да се реши, проблемот на зуењето останува и пациентот треба да научи како да живее со зуењето, недозволувајќи тоа да биде причина за нарушен квалитет на живот. Витаминската терапија, посебно витамините од групата Б (со акцент на Б1, Б6 и Б12) можат да бидат корисни да се заштити функцијата на слушниот нерв. Витамините од групата Б се корисни и за нормалното функционирање на нервниот систем на организамот бидејќи се клучен фактор за исхраната и регенерација на нервите.
Референци:
Д-р Билјана Бундевска, специјалист оториноларинголог
ЈЗУ Поликлиника на секундарно ниво Железара Скопје