март 2, 2026

Зголемената телесна тежина и дебелина, имаат големо здравствено и економско влијание на секое ниво во општеството. Најсовремените научни истражувања укажуваат дека дебелината не е само болест на животниот стил, туку е комплексна состојба предизвикана од сплет на повеќе социолошки, психолошки и биолошки фактори. Поголемиот дел од светската популација живее во држави каде стапката на смрт заради дебелина е драстично поголема од стапката на смрт заради потхранетост.

Venus of Willendorf c.30000-18000 BC
Дебелината е космополитска болест на сите раси во светот. Одредени етнички и расни групи се чини дека се особено предиспонирани (Пима Индијанците од Аризона), пацифичките острови (Полинезијa, Микронезија, Маори), a Афроамериканците и шпанската популација (Мексикански или Порторико по потекло) во Северна Америка се особено наклонети кон дебелина.
Стапките на натхранетост и дебелина се зголемуваат низ цел свет со децении. Според податоците на Светската здравствена организација1, дебелината речиси за три пати е зголемена од 1975 година. Во 2016, повеќе од 1,9 милијарда возрасни, над 18 години биле со зголемена телесна тежина. Од нив, обезни биле преку 650 милиони. Во групата на возрасни над 18години, 39% биле натхранети во 2016 година, а 13% биле дебели.
Дебелината е застапена и во детската возраст. Преку 340 милиони деца и адолесценти на возраст од 5 до 19 години биле дебели во 2016 година. Тоа што загрижува е дека и најмладите, на возраст под 5 години не се поштедени од оваа пандемија, бидејќи дури 38 милиони деца под 5 годишна возраст биле натхранети или дебели во 2019 година.
Дебелината е сè повеќе присутна и во нашата држава. Податоците на Институтот за јавно здравје на РМ од 2017 покажуваат дека 62,7% од мажите и 48,4% од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а обезни се 19,6% и 17,2% од нив, последователно2.
Дефиниција на дебелина
“Дебелината не е само болест, сама по себе, туку и показател на други болести”. Овие зборови се препишуваат на старогрчкиот лекар Хипократ, кој живеел пред 2400 години и се смета за татко на медицината. Неговата дефиниција многу наликува на современата според која дебелината е хронична, прогресивна болест со тенденција за повторување. Може да започне во раното детство, а да продолжи со прогресивен пораст, особено во пубертетот или пак во подоцнежната возраст.
Дебелината претставува преголема акумулација на масти. Основната причина лежи во зголемениот внес, а намалена потрошувачка на калории. Тоа значи зголемен внес на високо калорична храна, брза храна, обилни оброци, храна богата со масти и шеќери, слатки сокови со многу шеќери и конзерванси, недоволен внес на овошје и зеленчук, а во исто време и зголемување на физичката неактивност заради прекумерно гледање ТВ и користење компјутер, видео игри и слично. Секако и седентарниот начин на работа и транспорт, како и забрзаната урбанизација придонесуваат од своја страна за намаленото движење.
За проценка на степенот на исхранетост се користи индекс на телесна маса – BMI (Body Mass Index), кој е изразен како тежина изразена во килограми, поделено со квадратот на телесна висина изразена во метри (табела бр.1).
| СЗО класификација | BMI (kg/m2) |
| Потхранетост | <18.5 |
| Нормална тежина | 18.5–24.9 |
| Натхранетост | 25.0–29.9 |
| Обезност I степен | 30.0–34.9 |
| Обезност III степен | 35.0–39.9 |
| Обезност III степен | ≥40.0 |
Табела бр.1- Класификација на исхранетост.
Од табелата се гледа дека за натхранетост се смета индекс поголем од 25, а за дебелина се смета индекс поголем од 30. Доколку индексот е над 35, тоа се смета за тешка дебелина, а над 40 за морбидна дебелина. Нормална телесна тежина се смета доколку овој индекс е меѓу 18,5 и 25.
Постојат полови разлики во дистрибуцијата на масното ткиво. Кај жените тоа е поизразено во долниот дел на телото, во предел на задник и колкови и се нарекува гиноиден тип на дебелина (во форма на круша), додека пак кај мажите масното ткиво се сретнува повеќе во горниот дел од телото, во предел на рамена, граден кош и стомак и се нарекува андроиден тип на дебелина или висцерален (во вид на јаболко). Висцералниот тип на дебелина (централна дебелина) е тој кој го зголемува ризикот за други болести. Затоа е важна негова проценка, која се прави со мерење на обем на половина. Кај мажи таа не смее да е поголема од 94 cm, додека кај жени таа не смее да е повеќе од 80 cm. Поголем обем на половина е асоциран со зголемен ризик од бројни коморбидитети и компликации поврзани со дебелина.

Компликации од дебелина
Дебелината е асоцирана со преку 200 компликации, од кои најчести се коронарна срцева слабост, дијабетес мелитус тип 2, преддијабетес, замастен црн дроб, камења во жолчка, карцином (хранопровод, желудник, дебело црево, црн дроб, панкреас, дојка, матка, јајници) покачен крвен притиск, астма, мозочен удар, пулмонална емболија, но и полицистичен оваријален синдром и стерилност. Кај некои видови на карцином, ризикот е поголем во однос на луѓето со нормална телесна тежина (7пати поголем ризик за карцином на хранопровод). Во 2009 година е објавена студија3 во која е докажано дека ризикот за развој на дијабетес мелитус тип 2 заради дебелина е најголем, посебно кај женскиот пол. Дебелината влијае и на зглобовите, ги оптеретува со што придонесува за болки во колена и грб, остеоартритис. Влијае и на психолшката состојба придонесувајќи за развој на депресија.
Дебелина е асоцирана и со намалување на животниот век. Студиите укажуваат дека зголемениот BMI е асоциран со намален животен век и до 10 години. За секои 5kg/m2 зголемен над 25 kg/m2, има зголемување за 30% на вкупниот морталитет4.
Исто така состојбата со КОВИД -19, ни укажува на судир на “две пандемии”. Актуелно сегашните докази насочуваат дека дебелината е ризик за посериозен облик на инфекција со Ковид-19, како и полош исход во однос на тие луѓе со нормална тежина.
Eфекти од губиток на телесна тежина
Губитокот на телесна тежина кај дебелите луѓе доведува до промена на хормоните на апетит, што доведува до зголемување на чувството на глад и желба да се јаде, уште цела година после намалената ТТ. Но од друга страна ефектите од слабеењето се повеќекратни, како намалување на ризик за дијабетес и карцином, регулирање на крвниот притисок, подобрување на психолошката сстојба итн. Губитокот на тежина и одржувањето на овој губиток на подолг рок се неопходни кај луѓето со дебелина со цел зачувување на целокупното физичко и психичко здравје и подобрување на квалитетот на живот. Потребно е да се искористат сите препорачани опции за третман на дебелина за остварување на оваа цел, како промена на животен стил, со диета и физичка активност, фармаколошка или со баријатриска хирургија.
Користена литература:
Д-р Катерина Адамова, супспецијалист ендокринолог, магистер по јавно здравје
ЈЗУ Универзитетска клиника за ендокриноогија, дијабетес и метаболички нарушувања, Скопје