април 2, 2026
На 1 април 2026 година, во седиштето на Реплек АД Скопје, се одржа Годишното собрание на акционери, кое помина во транспарентна и конструктивна атмосфера.
На Собранието, акционерите едногласно ги усвоија сите предложени одлуки, потврдувајќи ја довербата во управувањето и во стратешката насока на компанијата.
Во рамки на Собранието беа презентирани и дискутирани резултатите од работењето за 2025, година во која Реплек одбележа значаен јубилеј од 80 години постоење и оствари силни финансиски и оперативни резултати.
Компанијата забележа раст на нето добивката од 36% и зголемување на нето маргината на 14,7%, што ја потврдува ефикасноста на деловниот модел и јасната стратешка ориентација кон одржлив раст.
Акционерите ја усвоија и Одлуката за распределба на добивката, согласно која за 2025 година ќе се исплати дивиденда во износ од 450,00 денари нето, односно 500,00 денари бруто по акција, што претставува 25% раст на дивидендата во однос на 2024 година.
Исплатата на дивидендата ќе започне од 06.05.2026 година и ќе се врши на трансакциските сметки на акционерите.
Во текот на 2025 година, Реплек забележа активен инвестициски циклус насочен кон модернизација на производството, дигитализација и зајакнување на технолошката инфраструктура, како и со проширување на портфолиото и меѓународното присуство, при што извозот учествува со околу 75% од вкупните продажби.
Компанијата остана доследна и на принципите на транспарентно корпоративно управување и општествена одговорност, што беше потврдено и со добивањето на наградата „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентно котирано акционерско друштво на Македонската берза за 2025 година по избор на медиумите.
Јубилејот од 80 години претставува силна основа за новата 80+ фаза на развој, во која Реплек ќе продолжи со инвестиции, интернационализација и поддршка и грижа за луѓето како клучна вредност на компанијата. Реплек АД Скопје останува посветен на одржлив раст, стабилност и создавање долгорочна вредност за своите акционери, партнери и заедницата.