Replek

јуни 23, 2026

Мигрена – повеќе од обична главоболка

„Мудроста на медицината не е само да се лекува болеста, туку и да се разбере човекот што живее со неа.“

Мигрената претставува едно од најчестите невролошки заболувања во светот, значајна причина за намален квалитет на живот и работна способност и е водечка причина за инвалидитет кај младата популација. Според светските епидемиолошки податоци, мигрената зафаќа приближно 12 до 15% од вкупната популација. Жените заболуваат трипати почесто од мажите, што се поврзува со хормоналните промени и влијанието на естрогените. Највисока преваленца се забележува кај лица на возраст од 20 до 50 години, период кога болеста има најголемо социјално и економско влијание.

Иако често се доживува како обична главоболка, мигрената е комплексно невроваскуларно нарушување кое вклучува промени во активноста на мозокот, нервниот систем и крвните садови. Се  карактеризира со повторувачки напади на умерена до силна главоболка, најчесто локализирана на едната страна од главата. Освен болката, пациентите често чувствуваат гадење, повраќање и зголемена чувствителност на светлина, звук или мириси.

Најчести тригер фактори за мигрена се: стрес, јаки мириси, несоница, замор, нередовна исхрана, менструален циклус, хормонални промени, промени во телесната тежина, кофеин, алкохол.

Кај дел од пациентите се јавува и аура – група на  привремени невролошки симптоми кои претходат на главоболката или се појавуваат за време на нападот. Најчесто се манифестираат како светли или темни  точки во видно поле, цик-цак линии, заматен вид, чувство на трнење на  лицето или екстремитетите, како и потешкотии во говорот. Аурата обично трае од 5 до 60 минути и е резултат на минливи промени во активноста на мозочните клетки.

Мигрената со аура најчесто се одвива низ четири последователни фази, иако не секој пациент ги доживува сите фази при секој напад.

Продромална фаза (предупредувачка фаза)- се јавува неколку часа до 1–2 дена пред нападот. Пациентот може да почувствува замор, промени во расположението, раздразливост, намалена концентрација, често проѕевање, зголемен апетит или вкочанетост на вратот.

Фаза на аура- трае од 5 до 60 минути и претставува привремено невролошко нарушување. (визуелни феномени,траење на лицето,потешкотии со говорот)

Фаза на главоболка – следува по аурата или, поретко, се јавува истовремено со неа. Болката е најчесто еднострана, пулсирачка и со умерен до силен интензитет. Нападот трае од 4 до 72 часа и често е придружен со гадење, повраќање, фотофобија и фонофобија.

Постдромална фаза (фаза на закрепнување)- по завршување на главоболката, пациентите често чувствуваат исцрпеност, намалена концентрација, општа слабост или чувство на „ментална магла“. Оваа фаза може да трае од неколку часа до еден ден.

Дијагнозата на мигрена е првенствено клиничка и се поставува врз основа на детална анамнеза, опис на симптомите и невролошки од преглед. Не постои специфичен лабораториски тест за мигрена, но со дополнителните испитувања како магнетна резонанца (MRI) или компјутеризирана томографија (CT)  се исклучуваат други заболувања особено  доколку постојат алармантни симптоми како ненадејна силна главоболка, невролошки дефицит или промена во карактерот на претходните напади.

Водењето дневник за главоболка често помага во идентификација на тригерите и следење на успешноста на терапијата.

Третманот на мигрената се дели на акутен и превентивен (профилактичен) третман.

Акутниот третман има за цел брзо прекинување на мигренозниот напад и намалување на придружните симптоми. Кај лесни до умерени напади како прва линија на терапија се применуваат неспецифични аналгетици (аспирин, парацетамол) и нестероидни антиинфламаторни лекови. Кај умерени до тешки форми на мигрена лекови на избор се триптаните, кои се најефикасни кога се применуваат на почетокот на нападот. Поради нивното вазоконстрикторно дејство, потребна е претпазливост кај пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Во последниве години се развиени и гепанти – нова класа лекови кои делуваат како антагонисти на CGRP рецепторите, без да предизвикуваат вазоконстрикција.

Превентивниот третман има за цел намалување на фреквенцијата, времетраењето или сериозноста на мигренозните напади а со тоа се подобрува  квалитетот на животот на пациентот и се подобрува неговата функционалност. Најчеста тераписка опција во превентивен третман се бета-блокатори, меѓу кои најчесто користен е пропранолол. Антиепилептиците, како топирамат, имаат значајна улога во превенцијата но нивната употреба е ограничена поради потенцијалните несакани ефекти. Антидепресивите, особено амитриптилин, се корисни кај пациенти со коморбидни психијатриски состојби, како депресија или анксиозност, кои често коегзистираат со мигрената. Другите опции за третман вклучуваат третман со ботулински токсин.

Во последната деценија значителен напредок е постигнат со развојот на моноклонални антитела насочени кон калцитонин-ген поврзаниот пептид (CGRP) како што е фреманезумаб. Овие лекови покажуваат висока ефикасност со поволен безбедносен профил и се  применуваат еднаш на 1-3 месеци. Дополнително, во превенцијата на мигрената достапни се и иновативни локални пристапи во форма на спреј, кој преку создавање на осмотски полимерен филм на носната слузница механички помага во отстранување на CGRP и други проинфламаторни медијатори поврзани со настанувањето на мигренозните напади.

Еден од проблемите што често го среќаваме е мигрена од  прекумерната употреба на лекови. Најчесто се јавува кога пациентите во обид да ја намалат болката земаат прекумерни количини аналгетици, со што се намалува ефикасноста на овие лекови. Главоболки се можни и кога не се земаат често администрирани лекови. Се препорачува аналгетиците да не се земаат повеќе од 15 пати месечно. 

Подеднакво важни се и промените во животниот стил: редовен сон (7-9 часа), балансирана исхрана, доволна хидратација, редовни оброци без прескокнувања, редовна физичка активност и избегнување на индивидуалните предизвикувачи како стрес, алкохол или одредени видови храна.

Мигрената е хронично невролошко заболување со значајно влијание врз физичкото, психолошкото и социјалното функционирање на пациентите. Раното препознавање на симптомите, правилната дијагноза и индивидуализираниот терапевтски пристап овозможуваат значително подобрување на контролата на болеста и квалитетот на животот. Денес, благодарение на новите терапевтски можности и подоброто разбирање на патофизиологијата на мигрената, сè поголем број пациенти успешно ги контролираат своите симптоми и водат активен и продуктивен живот.

„Целта на лекувањето не е само да се намали болката, туку да се врати слободата на човекот да живее без нејзините ограничувања.“

Науч.сор.Др.Слободанка Саздова Бурнеска

Слични Артикли

Дебелината како пандемија

Канабидиол (CBD) во третманот на епилепсија: Што треба да знаеме

МИКРОБИОТА