Replek

јануари 17, 2023

Болно грло

Студениот воздух и дневните промени на температурата се причини за појава на состојбата на болно грло, која се јавува како последица на настинка, а многу често е резултат на алергии, загаден воздух, пушење, консумирање одредени пијалаци, дишење преку уста, како и проблеми со параназалните синуси. Иако најчесто е безопасна, состојбата на болно грло понекогаш може да биде предизвикана од сериозни болести. На почетокот изгледа како скокоткање, гребење, отежнато голтање, но во некои случаи може да се појават и засипнатост, кашлица, болка што се шири кон ушите, а може да биде проследена и со општа слабост и малаксаност.

Грлото е изложено на „напад“ од разни микроорганизми, пред сè, вируси (предизвикувачи на настинка, инфективна мононуклеоза…) и бактерии. Инфекциите се најзачестени на крајот од есента и во текот на зимата, а се пренесуваат преку валкани раце, директен контакт, на пример, со кашлање, кивање и бакнување. Често се појавува кај децата и младите, но може да се појави и на која било друга возраст. Затоа и не треба да изненадува фактот што многу деца „страдаат“ од состојбата на болно грло. Во грејната сезона, воздухот во просториите за престој е сув, па доколку не се користат „навлажнувачи“ на радијаторите и на другите грејни тела, утринската сувост на устата и грлото е непријатна состојба, но не предизвикува инфекција.

Како да се спречи појавата на болно грло?

  • Заштитете го грлото – Ако ве боли и ве чеша грлото, направете пауза. Зборувајте помалку, правете подолги паузи кога зборувате, одржувајте рамномерен тон. Не зборувајте долго време на студ и на отворено.
  • Внимавајте со пијалаците – Не пијте претерано топли, ладни или газирани пијалаци. Избегнувајте задимени и задушливи простории што може да влијаат врз гребењето и болката во грлото.
  • Заштитете се – Користете пастили и спрејови за заштита на слузницата на грлото. Еден од начините да се грижите за вашето грло е редовно да го плакнете со билни чаеви.
  • Дишете преку нос – Ова е единствениот здрав начин на дишење, бидејќи дишењето преку уста значително ја оштетува слузокожата на грлото. За правилно дишење преку носот, најважно е носот да биде секогаш чист, а слузокожата да биде здрава.

Симптоми на болно грло

Најчестите симптоми се болка во грлото и проблеми со голтањето. Болката може да се прошири кон ушите, може да се покачи телесната температура, а лимфните жлезди под долната вилица и на вратот може да отечат. Ако болката во грлото е предизвикана од вируси, симптомите обично се поблаги и често се поврзуваат со обична настинка. Болката во грлото е предизвикана од вирусот коксаки, а притоа може да се појават мали афтозни промени на крајниците и на мекото непце.

Доколку состојбата на болно грло е предизвикана од бактерии од групата стрептококи, крајниците отекуваат, обложени се, доминираат интензивна болка во грлото и непријатен здив, а и општата состојба на пациентот е лоша, придружена со висока температура. Стрептококот е бактерија што предизвикува ревматска треска, која е многу сериозна болест и која предизвикува болки во зглобовите и оштетување на срцевите залистоци. Затоа, третманот на болка во грлото предизвикана од стрептококи е многу важен за да се спречи појавата на ревматска треска.

Кога треба да ви земат брис од грло?

Брисот е едноставен и достапен дијагностички метод што може да се направи во голем број лаборатории. По 24 часа и по „првото читање“, можно е веќе да се знае дали некоја од патогените бактерии „расте“ и дали треба да се „победи“ со антибиотици.

Кога треба да отидете на лекар?

Ако болката во грлото не се намалува, и покрај употребата на аналгетици, треба да се побара помош од лекар, дури и ако не е придружена со покачена температура. Затоа, ако болката се зголемува по 24 часа од почетокот на симптомите (иако пациентот зема лекови против болки), потребна е консултација со лекар. Прегледот не треба да се одложува доколку болката во грлото е придружена со отекување на лимфните жлезди на вратот.

Дали треба веднаш да се дадат антибиотици?

Секоја состојба на болно грло не претставува ангина (како што вообичаено погрешно се смета), особено ако не е придружена со висока температура. Постојат многу вируси што го воспалуваат грлото и предизвикуваат болка, гребење, црвенило и отежнато голтање.

Во некои случаи, антибиотиците воопшто нема да помогнат, па лекарите советуваат плакнење со топла солена вода, пиење многу течности, воздухот во просторијата во која се престојува да биде влажен, често проветрување, одмор.

Оправдано е давањето аналгетици, како што се парацетамол или ибупрофен, кои ефикасно ја намалуваат болката во грлото. Погрешно е да се смета дека овие лекови ќе го прикријат почетокот на треската, што може да биде знак за стрептококна ангина. Кога станува збор за почеток на гнојна ангина, температурата ќе се појави и покрај лековите против болка.

Земањето антибиотици е оправдано доколку се прави во консултација со лекар – со цел да се одреди давање лек со оптимално дејство и контрола на времетраењето на користење на лекот.

Постојат многу препарати (спрејови, раствори, пастили), кои содржат супстанции за ублажување на болката и воспалението. Тие не се антибиотици, но се корисни и помагаат во намалувањето на симптомите на болно грло. Тие ја обложуваат болната слузница на грлото, ја намалуваат непријатната сензација, но имаат и антисептично дејство и на тој начин ја намалуваат можноста за дополнителна (секундарна) инфекција на грлото.

Д-р Васе Стојческа,

Специјалист оториноларинголог, ЈЗУ ГОБ 8ми Септември” Скопје

Слични Артикли

МИКРОБИОТА

Што е тоа дијабетична полиневропатија?

Артритис