септември 15, 2023
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
Програма „Јас, Реплек практикант“ – нова можност за зајакнување на работните вештините на младите
Со три награди и едно вработување се заокружи програма наменета за млади „Јас, Реплек практикант“, која за прв пат се организира во компанијата „Реплек“. Во рамките на оваа програма, студенти од Фармацевтскиот, Економскиот, ФЕИТ и Природно – математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, ученици од средното училиште „Марија Кири Склодовска“ од Скопје, како и неколку студенти кои студираат ви странство, под менторство на искусни експерти од компанијата, се здобија со корисни специфични практични знаења и вештини кои ќе придонесат во нивниот натамошен кариерен и професионален развој.
На вчерашниот настан со кој се одбележа завршувањето на годинешната програма „Јас, Реплек практикант“, беа доделени награди – ваучери за тројца практиканти чии креативни трудови, изработени во рамките на оваа програма, беа оценети како најдобри. Покрај тоа, на настанот беше промовирано и првото вработување во компанијата на еден од учесниците во оваа програма, кој од денес е дел од тимот на „Реплек“.
„Зајакнување на практичните вештини и знаења, градење на цврсти врски со образованите институции и отворање на компанијата за млади стручни кадри е наша цел. Тоа беше и мотив за започнување на ваква програма и навистина нѐ радува фактот дека за неа имаше голем интерес кај младите. Ние и понатаму ќе продолжиме да соработуваме со нашите партнери и ги повикуваме сите млади кои се заинтересирани за овие струки да бидат дел од идните практикантски програми“, истакна Дојранка Анастасовска Цветковска директор за човечки ресурси на „Реплек“.
Сите сегашни и идни учесници во програмата „Јас, Реплек практикант“ ќе имаат предност за вработување во „Реплек“. На доделувањето на признанијата, покрај практикантите, присуствуваа и претставници на образовните институции со кои „Реплек“ има потпишано и меморандуми за соработка, а планирано е проширување на соработката и со нови партнери.
Програмата „Јас, Реплек практикант“ ќе продолжи да се реализира и во текот на следната година, давајќи им можност на младите да се стекнат со практични и специфични работни вештини, со што компанијата ќе придонесе за подигнување на квалитетот на пазарот на труд и ќе отвори поголеми можности за вработување.