октомври 9, 2023
Ревматоидниот артритис е најчеста автоимуна воспалителна артропатија од која страда 0,5 до 1% од возрасната популација во развиените земји и главно се манифестира со симетрично зафакање на зглобовите на екстремитетите.
Светскиот ден на артритисот е глобален настан кој се организира секоја година на 12 Октомври за да се создаде свест за ревматските и мускулно-скелетните заболувања, нивното влијание врз нечиј живот, едукација на луѓето за симптомите, превентивните мерки и насоки за рана дијагноза, се со цел да се превенира појава на дополнителни компликации. Фокусот на Светскиот ден на артритисот е да се создаде доволно можност за поддршка и обезбедување на подобри опции за третман на луѓето со ревматски и мускулно-скелетни заболувања.
Ревматските заболувања преставуваат значаен дел од хуманата патологија. Најчесто се хронични и во значајна мера го нарушуваат квалитетот на животот и работната способност. Од тука произлегува дека имаат не само здравствено, туку и големо социо-економско влијание.
Инфламаторните артритиси (ИА) се група на хронични воспалителни болести на зглобовите кои се карактеризираат со болка во зглобовите, оток, топлина и утринска вкочанетост која трае подолго од еден час. Голем дел од инфламаторните артритиси се системски и може да се манифестираат и со воспалителни симптоми на други ткива и органи, како што се осипи и промени на кожата, воспаление на очите, губење на косата, треска и други воспалителни симптоми. Воспалението на зглобовите резултира со нивно оштетување и затоа овие заболувања претставуваат сериозни предизвици за модерната медицина, поради тоа што доведуваат до значителен инвалидитет и лош квалитет на живот. Меѓу најчестите автоимуни воспалителни заболувања на зглобовите се ревматоидниот артритис (РА), анкилозниот спондилитис (AC) и псоријатичниот артритис (ПсА).
Ревматоидниот артритис е најчеста автоимуна воспалителна артропатија од која страда 0,5 до 1% од возрасната популација во развиените земји и главно се манифестира со симетрично зафакање на зглобовите на екстремитетите. Анкилозен спондилитис се јавува кај 0,1% до 1,4% од возрасната популација, а псоријатичниот артритис е најчеста серонегативна воспалителна артропатија, која се јавува кај 5-30% од пациентите со псоријаза. Високата застапеност на овие болести и фактот што тие претставуваат големо економско оптоварување за општеството не само поради директните трошоци за лекување, туку и поради попреченоста што ја предизвикуваат.
Студија открива дека 49% од пациентите со ревматоиден артритис, 41% од оние со анкилозен спондилитис и 39% од пациентите со псоријатичен артритис имаат потешкотии во извршувањето на нивните вообичаени секојдневни работи. Модерната медицина има голем број на фармаколошки лекови, вклучувајќи ги и т.н. конвенционални лекови и понови, биолошки и специфични лекови насочени кон модификација на болеста. Главната цел на терапијата е да се постигне ремисија или ниска активност на болеста – како клинички, така и лабораториски. Утврдено е дека вклучувањето на терапија за модификација на болеста и биолошки средства кај пациенти со РА, доведува до намалена активност на болеста, забавување на оштетувањето на зглобовите и инвалидитетот, со што се зголемува можноста за вршење на секојдневните активности.
Остеоартритисот (ОА) е дегенеративно заболување на зглобовите што ја зафаќа ‘рскавицата и околните ткива. Над 10% од светската популација има клинички симптоми на остеоартритис и овој процент се зголемува со возраста. Прогресијата на болеста обично е бавна, но на крајот може да доведе до откажување на зглобовите со болка и инвалидитет. ОА на колковите и колената има тенденција да предизвика најголеми промени, бидејќи болката и вкочанетоста во овие големи зглобови кои ја носат тежина на телото често доведуваат до значителна попреченост која бара хируршка интервенција.
Болката како засебен ентитет и доминантен фактор за онеспособеност
Болката е еден од најзначајните симптоми на многу ревматски заболувања и претставува доминантен симптом кај пациентите со инфламаторен артритис, како и кај пациентите со остеоартритис. Болката воедно е главен фактор за чести посети на лекар, боледувања и онеспособеност, а со тоа има и финансиски импакт врз општеството. Болката дополнително влијае и на квалитетот на сонот, а со тоа и на когнитивните способности и расположението, па често е придружена со малаксаност, умор, анксиозност или депресија. Затоа, болката кај ревматските заболувања е препознаена како засебен ентитет на кој треба да се обрне посебно внимание во третманот.
Студиите покажуваат дека најголем дел од пациентите со инфламаторен артритис ја регистрираат болката како главен товар од нивната болест и ослободување од болката за нив е главен приоритет во лекувањето. Хроничната болка кај ИА може да биде присутна дури и кај пациентите кои постигнале адекватна контрола на основната болест.
Напредниот остеоартритис (ОА) на колкот, коленото, рацете и ‘рбетот е една од најчестите причини за хронична болка што ги спречува пациентите да работат, да се вклучат во социјални активности, да вежбаат и да одржуваат независен начин на живот. Потребно е целосно разбирање на овие состојби и затоа во последниве години, здравствените системи на сите земји издвојуваат огромни трошоци за дијагностицирање, лекување, боледување, рехабилитација и предвремено пензионирање на пациенти со ОА.
Од сето наведено, јасно произлегува дека во протоколите за третман на ревматските болести треба да се даде приоритет и на третманот на болката и тој да се води според научните докази и детална проценка на индивидуалната состојба, потреби, претпочитања и приоритети на пациентот, карактеристиките на болката, претходните и тековните применети тремани за болка, степенот на воспаление и/или оштетување на зглобовите, како и физиолошките, психолошките и други фактори поврзани со болката. Опциите за третман на болката типично вклчуваат едукација, физичка активност, програм на вежби, употреба на ортопедски помагала, психолошки и социјални интервенции, подобрување на ритамот на спиење, менаџирање на телесната тежина и секако, фармаколошки опции за третман.
УЛОГА НА ПАРАЦЕТАМОЛ ВО ТРЕТМАНОТ НА БОЛКА КАЈ РЕВМАТСКИТЕ ЗАБОЛУВАЊА
Парацетамолот е лек со аналгетско и антипиретско дејство кој широко се употребува како ефикасен и безбеден лек штој може да се употребува и кај бебиња, стари лица, бремени жени и доилки. Голем број на студии ја препознаваат ефикасноста и безбедноста на парацетамолот за третман на блага до умерена болка, и овој лек е вклучен во СЗО листата на есенцијални лекови.
Клиничарите почесто претпочитаат да го ординираат поради подобрата толеранција и безбедност, особено за пациентите кај кои НСАИЛ се контраиндицирани (пр. состојби на пептичен улкус, бронхијална астма, кардиоваскуларни болести).
Прогресивното стареење на популацијата често се карактеризира со присуство на болни состојби, кои во најголем број од случаите се должат на остеоартикуларни проблеми, со ограничување на функционалната анатомија, и извалидитет кој значајно го афектира квалитетот на животот. Ова не може да се игнорира при изборот на лек кој ќе се користи во терапијата заа менаџирање на болката кај старите лица со повеќе истовремени заболувања. Парацетамолот, делува на намалување на болката преку повеќе механизми, како сам, така и во синергија со други лекови (НСАИЛ, опиоиди) и благодарение на неговата ефикасност, безбедност и слабата интеракција со други лекови. Може да претставува прв избор кај болни синдроми кај стари пациенти, што е потенцирано во повеќе препораки и упатства наменети за третман на оваа патологија. Присуството на повеќе заболувања во исто време меѓу другото носи и проблем на мултипни третмани и терапии, со голема веројатност за несакани реакции.
Сања Петрова
Специјалист по интерна медицина, вработена во ЈЗУУ Клиника за ревматологија, Скопје
Lee YC. Effect and treatment of chronic pain in inflammatory arthritis Curr Rheumatol Rep. 2013;15:300
https://www.who.int/publications/i/item/WHO-MHP-HPS-EML-2021.02
Pain: the use of paracetamol in multimorbid patients, Francesco Salamone, Published online: November 14th, 2022