Д-р Коста Котески е Заменик генерален директор, директор за маркетинг и продажба и член на Управниот одбор на Реплек, со повеќе од 20 години искуство во областа на менаџментот, меѓународниот бизнис, инвестициите и деловниот развој.
Доктор е по менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерските студии по бизнис менаџмент ги завршил на Kingston University во Лондон, Велика Британија, каде што бил прогласен за студент со најзначаен вкупен придонес во генерацијата на програмата MA in Business Management. Поседува бројни професионални обуки и специјализации во областа на продажба, маркетинг, менаџмент, деловен развој, преговарање и вештачка интелигенција (AI).
Професионалната кариера ја градел во меѓународни компании и институции во Велика Британија и Јужна Африка, меѓу кои Kimberly-Clark UK, Hilton International и ME Finance. Бил економски промотор на Република Македонија за Велика Британија, Ирска и Исланд, а повеќе од една деценија е и професор по менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Тој е долгогодишен член на стопански и деловни организации, вклучувајќи ја и Британско-македонската стопанска комора, каде што ја извршувал функцијата потпретседател.
Од 2010 година е дел од Реплек, каде што како заменик генерален директор е одговорен за продажба и маркетинг, корпоративен развој, стратешко планирање и развој на нови деловни можности. Активно учествува во креирањето и реализацијата на иницијативи за раст, проширување на меѓународното присуство на компанијата и јакнење на партнерствата на домашните и странските пазари.
Неговата визија е Реплек да продолжи да се развива како современа, иновативна и меѓународно конкурентна компанија, која преку инвестиции во луѓе, иновации и нови пазари создава долгорочна вредност за акционерите, вработените, партнерите и заедницата.