За мое добро - Реплек - За мое добро - Реплек -
РЕшенија
РЕшенија 30.10.2026

10 ПРАШАЊА – 10 ОДГОВОРИ СО: Д-Р ДАНИЕЛА ПОПОСКА

Д-Р ДАНИЕЛА ПОПОСКА Специјалист по онкологија и радиотерапија
ESO – сертифициран специјалист за рак на дојка
Магистер по молекуларна онкологија

Зошто е важно постојано да зборуваме за ракот на дојка?

Ракот на дојка е најчестото малигно заболување кај жените во светот, со приближно 2,3 милиони нови случаи годишно. Октомври е симбол на подигнувањето на свеста, но грижата за здравјето не смее да трае само еден месец. Најважната порака е дека рано откриениот рак на дојка успешно се лекува.

Кои се најважните ризик – фактори за развој на рак на дојката?

Ризикот расте со возраста. Значајни се семејната историја, наследните генетски мутации, раната прва менструација, доцната менопауза, одредени репродуктивни и хормонски фактори, поголемата густина на дојките, прекумерната телесна тежина по менопаузата, редовната конзумација на алкохол и физичката неактивност. Сепак, важно е да се знае дека рак на дојка може да се јави и кај жени без препознатливи ризик-фактори.

Што подразбираме под примарна превенција?

Примарната превенција значи намалување на факторите на ризик врз кои можеме да влијаеме. Тука пред се сметаме на редовна физичка активност, одржувањето здрава телесна тежина, балансирана исхрана, избегнување на алкохолот и пушењето. Доењето исто така е асоцирано со намален ризик. Овој префериран животен стил не значи целосна сигурност и отсуство на можноста да се појави болеста, но има големо влијание како лична инвестиција во грижата за здравјето.

Што е секундарна превенција и кога треба да започнат прегледите?

Секундарната превенција подразбира рано откривање на болеста, пред да се појават симптоми. Мамографијата е основниот скрининг-метод; во многу препораки скринингот започнува од 40-годишна возраст, а интервалот се определува според националната програма и индивидуалниот ризик. Дијагностиката со ултразвук е дополнителна метода која може да е индицирана, а кај жени со висок наследен ризик и густа дојка некогаш е потребна и магнетна резонанца и порано започнување на следењето. Познавањето на сопствените дојки е исклучително важно, самопрегледот е многу битен и треба да се прави еднаш месечно,но не ја заменува мамографијата.

Кои промени на дојката бараат лекарски преглед?

Појавата на нова грутка во дојката или пазувата, промена во големината или обликот на дојката, вовлекување на брадавката, спонтан исцедок, црвенило, задебелување или изглед на кожата како „кора од портокал“ се причини за преглед. Треба да имаме предвид дека секоја грутчеста промена не е малигна промена но исто така ваѓно е да се запомини и тоа дека раниот карцином често не предизвикува болка, ниту други симптоми. Затоа препораките велат – не треба да се чека промената да стане болна.

Каква е улогата на наследните мутации BRCA1 и BRCA2?

BRCA1 и BRCA2 се гени кои учествуваат во поправката на оштетувањата на ДНК. Патогените наследни варијанти во овие гени значително го зголемуваат ризикот за рак на дојка и јајници, но позитивниот резултат не значи дека болеста сигурно ќе се развие. Важни се и други гени, како PALB2, TP53, CHEK2 и ATM. Наследните мутации објаснуваат само помал дел од сите случаи на рак на дојка.

Кој треба да размисли за генетско тестирање и што следува по позитивен резултат?

Генетско советување и тестирање се разгледуваат кај лица со силна семејна историја, рак на дојка во помлада возраст и под 60 години, тројно негативен карцином, рак на дојка кај маж и други карактеристики што упатуваат на наследен синдром. Критериумите зависат од актуелните стручни препораки. При потврдена патогена мутација се прави индивидуален план за засилен контроли/скрининг, евентуални операции за намалување на ризикот и советување на членовите на семејството. Превентивната операција не е автоматски задолжителна за секој носител.

Како се поставува дијагнозата и зошто е важна биопсијата?

Дијагностиката вклучува клинички преглед, соодветна дијагностичка процедура — мамографија и/или ултразвук — и, при сомнителен наод, кор-биопсија. Биопсијата ја потврдува дијагнозата и овозможува да се одредат биолошките карактеристики на туморот, вклучително хормонските рецептори и HER2-статусот. Заедно со стадиумот на болеста, овие податоци се основа за правилен избор на лекување.

Како денес се лекува ракот на дојка? Дали секоја пациентка добива хемотерапија?

Лекувањето е персонализирано и се планира мултидисциплинарно. Може да вклучува операција, радиотерапија, хемотерапија, ендокрина терапија, HER2-насочена и друга таргетирана терапија или имунотерапија кај соодветно избрани пациентки. Кај некои случаи системската терапија започнува пред операцијата, а кај други по неа. Не секоја пациентка има потреба од хемотерапија, зрачење или мастектомија. Целта е најголема корист со најмало можно оптоварување од третманот.

Каква е прогнозата и што им порачувате на жените?

Кога болеста е откриена рано, шансите за успешно лекување се многу високи. И кај напредната болест денес постојат терапии што можат да ја контролираат и претворат малигната во хронична болест притоа да го одржат квалитетот на животот на пациентите. Мојата порака е: сакајте се себеси, познавајте и слушајте го своето тело, информирајте се и не ги одложувајте прегледите. Не треба да се плашиме од сознанието, туку од пропуштената можност за навремена реакција. Раното откривање спасува животи.