Replek

ноември 13, 2023

Што е тоа дијабетична полиневропатија?

Дијабетична полиневропатија е болест на периферните нерви предизвикана од дијабетес мелитус.

Дијабетична полиневропатија (ДП) е најчеста, но недоволно објаснета компликација на дијабетес мелитус. Се верува дека повеќе од 80% од заболените од дијабетес ја имаат оваа компликација, а според некои автори, 9 од 10 заболени развиваат невропатија.

На глобално ниво, дијабетичната невропатија погодува приближно 132 милиони луѓе заклучно со 2010 година (1,9% од населението).

Дијабетесот е водечка позната причина за невропатија во развиените земји, а невропатијата е најчеста компликација и најголем извор на морбидитет и морталитет кај дијабетес. Дијабетична невропатија е инволвирана во 50-75% од нетрауматските ампутации.

Значајно е што појавата на полиневропатијата не зависи од нивото на шеќер во крвта, подеднакво ги погодува двата пола, почесто се јавува кај постарите лица и кај мал процент од децата кои боледуваат од дијабетес, околу 2%.

Точната причина за дијабетична невропатија сè уште не е позната, а мислењата се различни.

Компликациите на високиот шеќер во крвта што доведуваат до оштетување на нервите вклучуваат едно од следниве:

– Нарушување на циркулацијата што доведува до оштетување на малите крвни садови на нервите

– Акумулација на маснотии во клетките кои ја сочинуваат нервната обвивка, што ја нарушува нормалната активност на овие клетки

– Метаболички нарушувања кои го нарушуваат протокот на протеини, трансмитери и други хранливи материи во дисталните (крајните) делови на нервот

Фактори на ризик за дијабетична невропатија се времетраењето на дијабетесот, возраста, пушењето цигари, хипертензијата и хиперлипидемијата.

Како се манифестира болеста?

Невропатијата е обично асимптоматска на почетокот. Во оваа фаза, кога пациентот нема тегоби, неврологот открива ослабени рефлексни оговори при испитување на мускулно тетивните рефлекси и нарушување на чувствителноста.

Симптоматската фаза започнува подмолно, но понекогаш ненадејно.

Најчести симптоми се: печење, пецкање или мравулкање во нозете, особено на табаните, повремено или постојано чувство на утрнатост, чувство дека стапалата се во чизми или чорапи.

Може да има и постојано чувство на жарење и силна болка, а одењето често е болно и пациентите го опишуваат како одење на „јаглен“.

Може да се јави и интензивна „молскавична“ болка во стапалата или нозете.

Дијабетичната невропатија најчесто се манифестира како дистална симетрична сензомоторна полиневропатија.

Првите симптоми се на стапалата во вид на мравулкање, пецкање, печење, најчесто навечер.

Исто така честа е појавата на грчеви во листовите и стапалата, поретко на  рацете.

На овие симптоми често се надоврзува и хипотрофија (губење на маса) најчесто во малите мускули на стапалата.

Мускулно тетивните рефлекси се гасат, болеста напредува, се појавува вкочанетост на стапалата, која се шири на потколениците, рацете, трупот. Може да настанат трофични промени на кожата на стапалата (сува, тенка кожа која лесно пука) и чиреви- рани. Често пациентите имаат намалено чувство за допир, темепратура и болка и често тоа резултира со повреди и изгореници.

 Невропатска болка е  исто така е дел од клиничкиот спектар на дијабетичната полиневропатија .

Постојат позитивни и негативни симптоми на невропатската болка.

Позитивни симптоми на невропатската болка

  1. Спонтана болка – болна сензација која се јавува без постоење на адекватен стимулус
  2. Allodynia – болка предизвикана со стимулус кој нормално не предизвикува болка (допир, притисок, умерана топлина или ладно)
  3. Хипералгезија- интензивирано болно чувство на дразба која и нормално е болна (ладно, топло, боцкање)
  4. Dysaesthesia-непријатно абнормално чувство, било спонтано или индуцирано  (убодни сензации)
  5. Paraesthesia -абнормално чувство кое не е непријатeн, било спонтано или индуцирано (трнење, вибрации и друго)

Негативни симптоми на невропатска болка

  1. Hypoaesthesia- намалена осетливост на допир или лесен притисок
  2. Hypoalgesia- намалено чувство за болка на дразба која и нормално предизвикува болка
  3. Analgesia- комплетно отсуство на болно доживување  на дразба која нормално предизвикува болка.

Невропатската болка може да биде повремена (пароксизмална) , односно со епизодичен карактер или континуирана.  Пароксизмалната невропатска болка вообичаено е со сензации кои пациентите ги опишуваат како прободување или струен удар. Вообичаени квалитети на невропатската болка вклучуваат и сензации на горење или студенило, „иглички“, вкочанетост и чешање.

Полиневропатијата може да доведе до отежнато одење (пареза), но во тешки случаи одењето е невозможно (парализа).

Како се дијагностицира дијабетична полиневропатија?

Дијагнозата на дијабетична невропатија е врз основа на исцрпна сеопфатна анамнеза со која ќе се добие јасна слика за почетокот и текот на развој на симптомите, кај пациент кој во пратечкиот коморбидитет има Диабетес мелитус.  Секако треба да се исклучат и диференцијално дијагностичките можности за полиневропатија со друга етиологија. Покрај комплетен невролошки преглед во потврдувањето на дијагнозата помагаат неврофизиолошки тестови, првенствено со мерење на брзината на нервната спроводливост (електромионеврографија-ЕМНГ).

Веќе е кажано дека болеста започнува подмолно и пациентот може долго време да биде без субјективни поплаки а сепак да има оштетување на нервите, затоа е неопходно секој пациент со регистриран дијабетес да биде упатен на невролог за невролошки и неврофизиолошки преглед и да се преземат мерки за да се спречи појава на дијабетична полиневропатија или, доколку веќе постојат знаци на невропатија, да се запре нејзината прогресија.

Како се лекува дијабетична полиневропатија?

Кога станува збор за лекување на дијабетична полиневропатија, треба да се нагласи дека најважна е превенцијата која се состои во оптимално регулирање на нивото на шеќер во крвта.

За да се спречи појавата на невропатија, па дури и кога постои, потребно е строго да се одржува нормално ниво на шеќер во крвта, да се намали телесната тежина, да се контролира нивото на маснотии во серумот, да се престане со пушење и прекумерно внесување алкохол, како и правилна исхрана.

Веќе е кажано дека нивото на шеќер не е секогаш поврзано со компликации, но забележано е дека, сепак, се јавуваат потешки форми на полиневропатии со лошо регулиран шеќер.

Првите години на болеста се критични за развој на невропатија: ако пациентот не ја добие во тоа време или ја има во поблага форма, тогаш има големи шанси невропатијата подоцна да не се влоши ако редовно се лекува. .

Тераписките стратегии за решавање на невропатската болка имаат широк спектар на методи, од  физикална терпија, акупунктура, когнитивна и бихејвиорална терапија, релаксациона и окупациона терапија и медикаметозни фармаколошки мерки . Фармаколошката терапија секако претставува златен стандард во лечењето на невропатската болка и таа подразбира примена на трициклични антидепресиви, инхибитори на превземањето на серотонин и норадреналин, антиепилептици кои ги блокираат јонските канали за калциум и натриум, локални анестетици, лидокаин и капсацаин.

Значајни во третманот на дијабетичаната полиневропатија се и витамините од групата Б (Б1,Б6 и Б12). Нивниот недостаток доведува до невропатии и потешко заздравување на нервниот систем. Спротивно на тоа, нивната употреба во тој случај,  може да придонесе за контрола на болката, за регенерација на нервниот систем.

Третманот на најчестата форма на дијабетична полиневропатија се заснова на антиоксидантниот третман, со употреба на антиоксидантни препарати , медикаментозен третман на невропатската болка, лекови кои влијаат на подобрување на периферната циркулација, витамини од групата Б (Б1,Б6 и Б12),  а свое место има и физикалната терапија со примена  различни  методи на лекување.

Со оглед на патофизиолошката комплексносност на дијабетичната полиневропатија, лечењето на истата бара мултидиспилинарен пристап и тимска работа на ендокринолог, невролог, специјалист по физиклан медицина и рехабилитација и психолог.

ДИЈАБЕТИЧНА ПОЛИНЕВРОПАТИЈА

Науч. Сор. Д-р Татјана Делева-Стошевска, специјалист по неврологија

ЈЗУ ,,ГОБ 8-ми септември” Скопје

Слични Артикли

МИКРОБИОТА

Артритис

Брошура за исхрана