Replek

декември 1, 2023

МИКРОБИОТА

Mикробиота претставува низа на микроорганизми што живеат во симбиоза со својот домаќин – човекот. Микробиомот, пак, го сочинува целиот генетски материјал на микробиотата, збир на микробиолошки геноми што придонесуваат за поширокиот генетски портрет на човекот.

Многу често термините микробиота и микробиом се користат наизменично.

Човековата микробиота претставува разновидна низа на микроорганизми што вклучуваат бактерии, археи (примитивни едноклеточни организми), габи, па дури и некои протозои и неживи вируси. Бактериите се убедливо најбројните членови на човечкиот микробиом, а само бактериската популација се проценува на помеѓу 75 трилиони и 200 трилиони индивидуални организми, додека, пак, целото човечко тело се состои од околу 50 трилиони до 100 трилиони телесни клетки.

Огромното изобилство на микроби сугерира дека човечкото тело е, всушност, „надорганизам“, збир на човечки и микробни клетки и гени, а со тоа и мешавина на човечки и микробни особини.

Дигестивниот тракт, како и секоја површина на човечкото тело е покриена со микроорганизми, главно бактерии.

Овој микроекосистем игра голема улога во целокупното здравје на човекот, тој е тивок партнер во цревата, учествува во производството на витамини, го потпомага процесот на варењето на храната, го зајакнува имунолошки систем…

„Така тие прават многу важни работи за човечкиот организам.“Секој човек има свој единствен микробиом што зависи од многу фактори, како што се географското место на живеење, генетскиот материјал на индивидуата, возраста, начинот и стилот на живеење, исхраната, желудочната секреција, употребата на антибиотици…

Нарушувањето на рамнотежата на цревниот микробиом (дисбиозата) води кон нарушување на здравјето.  

БИФИДОБАКТЕРИИ 

Бифидобактериите се живи бактериски култури и важни компоненти на цревната микробиота. Тие спаѓаат во групата „добри бактерии“ што живеат во цревата, ги спречуваат растот и размножувањето патогени бактерии во цревата и влијаат врз подобрувањето на рамнотежата на цревната микрофлора. Претставниците од родот бифидобактерии се меѓу првите микроорганизми што го населуваат, односно колонизираат човечкиот гастроинтестинален тракт.

Во првите неколку недели од животот на доенчињата, во цревната микробиота, тие може да сочинуваат и до 60 % од сите бактерии присутни во цревата. Со текот на природниот процес на стареење, нивниот број опаѓа.

Нискиот број бифидобактерии е поврзан со многу болести, а додатоците на исхрана што содржат бифидобактерии може да помогнат во лекувањето на симптомите на одредени болести, како и една од најчестите гастроинтестинални состојби, а тоа е синдромот на иритабилно црево.  

Истражувачите откриле речиси 50 видови од овие корисни бактерии, за кои се смета дека секоја има различни функции и здравствени придобивки.

Во голем број медицински истражувања, потврдена е асоцираност на диверзитетот на микробиотата со вишокот килограми и ризикот од дијабетес, срцеви заболувања и други хронични нарушувања. Бифидобактериите може да помогнат во намалувањето на ризикот од овие болести преку процесот на дигестија на диеталните влакна.

Преку овој процес на преработка на диеталните влакна, овие бактерии произведуваат хемиски соединенија наречени масни киселини со краток синџир (SCFAs или „short chain fatty acids“), кои имаат голем број важни улоги за здравјето на цревата, а, исто така, може да помогнат и во контролата на гладот​​.

Улогата на бифидобактериите е:

  • Снабдување на клетките на домаќинот со есенцијалните нутритиви;
  • Ферментирање на неискористените енергетски супстанции;
  • Произведување витамини (витамин К, фолати) и „short chain fatty acid“ – ацетат, бутират и пропионат;
  • Регулирање на складирањето на мастите;
  • Одржување и регулирање на имуниот систем на домаќинот (продукција на цитокини);
  • Превенција од населување на патогени микроорганизми по пат на компетиција.

Бидејќи овие бактерии се важни за здравјето, тие често се користат како пробиотици во додатоци на исхрана за подобрување на симптомите на синдромот на нервозно дебело црево (IBS), вклучувајќи надуеност, грчеви, абдоминална болка, дијареја и опстипација.

БУТИРНА КИСЕЛИНА

Бутирната киселина е масна киселина со краток синџир (SCFAs или „short chain fatty acids“), присутна во природата како компонента на масната фракција на млекото и неговите деривати. Кај луѓето, тоа е физиолошка творба што се формира во дебелото црево како резултат на ферментација на диетални влакна.

Бутиратот игра важна улога во здравјето на дигестивниот систем, обезбедувајќи енергија на клетките на дебелото црево со што задоволува околу 70 % од нивните енергетски потреби.

Зголемениот внес на високопреработени прехранбени производи со малку влакна

(„брза храна“), богати со едноставни шеќери, резултира со ниски нивоа на производство на бутират во цревниот лумен.

Затоа, суплементацијата со бутират потенцијално претставува добра алтернатива.

ЦРЕВНИ ЕФЕКТИ НА БУТИРНАТА КИСЕЛИНА

  •  Главен извор на енергија за епителните клетки на дебелото црево.
  •  Ја одржува pH-вредноста на дебелото црево со што овозможува зголемена апсорпција на хранливите состојки, минерали и го инхибира растот на патогени микроорганизми.
  •  Стимулира раст на нормалните епителни клетки на дебелото црево.
  •  Ја подобрува функцијата на цревната бариера преку стимулација на формирање муцин, антимикробни пептиди и протеини со цврсто спојување.
  •  Ја одржува здрава слузницата на цревата.
  •  Има антивоспалителни ефекти.
  •  Го намалува оксидативниот стрес во дебелото црево.

Во услови на зголемени концентрации на бутирна киселина во цревата, се подобрува цревната бариера, а со тоа следува ниска пропустливост на штетни материи во крвотокот.

Спротивно на ова, во услови на ниски концентрации на бутирна киселина, се зголемува пропустливоста на цревото, која води до преминување на штетните материи во крвотокот и појава на болест.

СОСТОЈБИ НА ОРГАНИЗАМОТ КАЈ КОИ ИМА ЗГОЛЕМЕНА ПОТРЕБА ОД БУТИРНА КИСЕЛИНА

  1. Забрзан метаболизам на цревните епителни клетки во услови на оштетување/воспаление;
  2. Зголемено трошење енергија на организмот при патолошки состојби;
  3. Стимулација на растот на цревата во „стресни“ ситуации;
  4. Во услови на забрзана интестинална пасажа и зголемена секреција во луменот на цревата (дијареја);
  5. Намалено производство на ендогена бутирна киселина поради промени во бактериската флора при различни патолошки состојби.

Автор: д-р Ирена Ефтимовска Рогач, гастроентерохепатологЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ ‒ Скопје

Референци:
1. Introduction to the human gut microbiota Elizabeth Thursby and Nathalie Juge The Gut Health and Food Safety Programme, Institute of Food
Research, Norwich Research Park, Norwich NR4 7UA, U.K.
2. Butyric acid,Timothy J. Wiegand, in Reference Module in Biomedical Sciences, 2023.
3. The effect of probiotics on functional constipation in adults, Double-blind, randomized, placebo-controlled study, Fabiana Cristina Rosa
Mitelmão, MSc, Cristiane de Cassia Bergamaschi, PhD, Marli Gerenutti, PhD, Karin Hächel, MD, Marcus Tolentino Silva, PhD, Victor M. Balcão,
PhD,and Marta Maria Duarte Carvalho Vila.
4. Role of gut microbiota in functional constipation, Shengsheng Zhang1, Ruixin Wang, Danyan Li, Luqing Zhao, and Lixin Zhu, 1 Digestive
Disease Center, Beijing Hospital of Traditional Chinese Medicine, Capital Medical University, Beijing, P. R. China; and 2 Department of Colorectal
Surgery, Guangdong Institute of Gastroenterology, Guangdong Provincial Key Laboratory of Colorectal and Pelvic Floor Diseases, The Sixth
Affiliated Hospital of Sun Yat-sen University, Guangzhou, Guangdong, P. R. China.
5. Cross-feeding between bifidobacteria and butyrate-producing colon bacteria explains bifidobacterial competitiveness, butyrate production,
and gas production Luc De Vuyst, Frédéric Leroy.
6. Dynamics of Human Gut Microbiota and Short-Chain Fatty Acids in Response to Dietary Interventions with Three Fermentable Fibers Nielson
T. Baxtera, Alexander W. Schmidta,Arvind Venkataramana, Kwi S. Kima, Clive Waldrona, Thomas M. Schmidthttps.

Слични Артикли

Што е тоа дијабетична полиневропатија?

Артритис

Брошура за исхрана