А – интегрирана дозвола како потврда за компанија со висока свест за животната средина

Продолжуваат инвестициите во унапредување на работењето и модернизација во сите сегменти од работењето на „Реплек АД“. По низа активности и инвестиции кои беа реализирани во изминатиот период, РЕПЛЕК ФАРМ компанија основана од Реплек АД  ја доби  А – интегрираната еколошка дозвола од Министерството за животната средина и просторно планирање. Овој документ е потврда за одговорното работење, континуиран мониторинг и намалување на влијанието врз животната средина, далеку под дозволениот минимум.

Во текот на имплементацијата на потребните чекори кои се дел од условите за добивање на А – интегрираната дозвола се работеше во неколку поглавја, а тоа се: мерење на емисии во воздухот, мониторинг на квалитет на отпадни води, мерење на бучава, соодветен третман на отпадот, редовно известување за нивото на потрошувачка на електрична енергија и вода и мерки за поголема енергетска ефикасност. Покрај мониторингот, во рамките на дозволата се дефинирани и начините и временската рамка за известување и доставување на податоци од мониторингот до надлежните институции.

А – интегрираната еколошка дозвола е заокружување на уште една етапа од мерките за подигнување на квалитетот на работењето на компанијата и воведување нови иновативни напредни технологии. Покрај тоа во Репллек АД се воведени и стандардот за квалитет  ISO 9001:2015 и стандардот за животна средина и ISO  14001:2015.

За да и придонесе кон намалување на C02 емисиите „Реплек АД“ инвестираше 43 милиони денари во фотоволтаична (соларна) централа, со инсталирана моќност од 948.29 kWp. Со оваа инвестиција, над 40% од вкупната потрошувачка на електрината енергија на компанијата се заменува со обновлива сончева енергија, со што се намалува користењето на фосилни горива.

Инвестициите во заштита на животната средина се значајни за заедницата во која делува компанијата, но истовремено придонесуваат за подигнување на стандардите во работењето и зголемување на конкурентноста на пазарите. Над 75 отсто од производите на „Реплек АД“ се пласираат на странските пазари, а компанијата е присутна на повеќе од 25 пазари во светот. Останатиот дел од производството се пласира на домашниот пазар.

Во бизнисот веќе нема комфорност – интервју за „Блумберг Адрија“

Ако се водиме по онаа народната дека денот по утрото се познава, домашните бизнисмени, зависни од движењата на странските берзи, можат барем цената на струјата да ја тргнат од листата на грижи за 2023 година. Или сепак не? Глобалната криза покажа дека многу работи што сметавме дека се предвидливи, воопшто не се. Еден заеднички именител и за оваа година е големата неизвесност, која трае во услови на продолжен воен конфликт во Украина и најава за рецесија во поголем дел од европските економии.

На 1 јануари годинава (неработен ден, недела, кога побарувачката е мала) струјата имаше најниска вредност од само 17 евра за мегават-час. Оваа сума е најниска на истиот ден од 2018 година наваму. Но и прогнозите за до крајот на 2023 година не се лоши.

Фјучерсите за струјата, гасот и нафтата за до крајот на 2023 година покажуваат дека  нема да има силни осцилации во цените и никако нема да бидат достигнати рекордните вредности од минатата година.

„Блумберг Адрија“ ги праша домашните бизнисмени од различни сектори – преработувачка, прехранбена, металопреработувачка индустрија, фармација, градежништво – што запишале на своите листи со грижи и очекувања за тековната година. Сите очекуваат извесни позитивни поместувања, но никој не е целосно оптимист. Секако, енергетската криза сè уште носи предизвици, исто како и глобалниот амбиент.

Комфорноста во бизнисот е веќе минато – Коста Котески, заменик-генерален директор на „Реплек“

Со оглед на фактот дека во 2023 година неизвесноста на глобалниот пазар ќе продолжи, неопходно е да се искористат сите потенцијали. Во таа насока, инвестираме во зголемување на конкурентноста, воведување нови технологии и иновативни решенија што ќе ги подобрат продажбата и нашите позиции на пазарите, а со осигурувањето на нашиот извоз дејствуваме кон намалување на ризиците. Комфорноста во бизнисот е веќе минато, мора постојано да работиме на подобрување и прогрес во секој аспект на работењето, нудење сè подобра услуга и поголем фокус кон секој клиент, како и континуирано инвестирање во тренинг и развој на вработените.

Условите во кои ќе продолжи да функционира светот и следната година се деликатни, неизвесни и мора да сме флексибилни и брзо да се адаптираме. Нашите досегашни стратегиски одлуки се покажаа како успешни и годинава ја завршуваме со раст, како на странските пазари, така и на домашниот пазар. Тоа е само дополнителен мотив и во текот на следната година да продолжиме во истиот правец. Следната година планираме уште поголем раст и зајакнување на  позициите на брендот „Реплек“. Најголем приоритет во наредниве години ќе бидат прогресот на „Реплек“ и добросостојбата на вработените, акционерите и секако на потрошувачите.

Поради честите промени во регулативата на Европската Унија, каде што сме присутни со нашите производи, за нас од огромна важност се брзото усогласување и адаптирање на промените. За да го постигнеме тоа, нашата компанија има континуирана и одлична соработка со надлежните институции.

Текстот е превземен од „Блумберг Адрија“ – https://mk.bloombergadria.com/biznis/kompanii/18692/vo-biznisot-vekje-nema-komfornost-sobravme-mislenja-od-stopanstvenici/news