„Реплек“ одбележува 10 години производство на производи од медицински канабис – реализиран и првиот извоз во ЕУ

Во период кога довербата, стандардите и транспарентноста се клучни во развојот на современата фармацевтска индустрија, „Реплек“ одбележува уште еден значаен јубилеј. Компанијата заокружува 10 години од почетокот на сопственото производство и развој на производи на база на медицински канабис, со што уште во 2016 година стана пионер на домашниот пазар, но и еден од првите регионални играчи.

По цела деценија, „Реплек“ останува единствена компанија во регионот која развојот, производството и стабилноста на производите од медицински канабис ги темели на најстроги фармацевтски стандарди и на долгогодишното искуство во фармацевтското производство. Токму ваквиот пристап овозможува гаранција за безбедност, највисок квалитет и стандардизиран производ, што претставува особено значаен предизвик кога станува збор за производи добиени од растителна суровина.

Во пресрет на овој јубилеј беше остварен значаен успех – реализација на првиот извоз на производите на база на медицински канабис од „Реплек“ на строгите пазари на Европската унија. Пласманот на ваков пребирлив пазар го потврдува квалитетот на портфолиото и во овој фармацевтски сегмент, што „Реплек“ посветено го создаваше во изминатите 10 години.

„Кога пред 10 години стартувавме со овој фармацевтски сегмент, пазарот во земјава реагираше со скептицизам. Бевме пионери во ова поле, и на македонскиот, исто како и на регионалниот пазар. Решивме да бидеме истрајни и напорно да работиме во реализацијата на оваа идеја, а од сегашна перспектива можеме да кажеме дека нашата одлука беше исправна, што се докажа и со успешно реализираниот извоз на пазарот на Европската Унија. За пласман на овие производи има сериозен потенцијал, бидејќи глобалниот пазар на производи од канабис продолжува да бележи силен раст, а потенцијалот за националната економија е голем и треба да биде искористен“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во насока на обезбедување точни, проверени и стручно засновани информации за сите засегнати страни, „Реплек“ во ноември минатата година го отвори КА-информативниот центар наменет за информирање за производите на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков тип во земјава и е основан како подружница на „Реплек“, а функционира како платформа на компанијата која овозможува транспарентна и одговорна комуникација за сите прашања поврзани со употребата на овие производи.                                                КА-информативниот центар има значајна улога во надминување на стереотипите поврзани со медицински канабис и е точка на доверба меѓу компанијата, потрошувачите и стручната јавност.

Откако пред една деценија компанијата го стартуваше производството на производи на база на медицински канабис, таа го водеше процесот систематски и одговорно, обезбедувајќи силни производствени и контролни стандарди. Производствениот процес на „Реплек“ се базира на современа суперкритична CO₂ екстракција и технологија која овозможува висока селективност, репродуктивност и стабилност на екстрактите. Се користи индустриска опрема од реномирани европски производители, а ваквата модерна и валидирана технологија обезбедува поголема ефикасност и подобар принос од суровините, со доследен квалитет во секоја серија. Темелите на овој успех се континуираните инвестиции во напредни технологии, како и врвната експертиза на професионалниот тим на компанијата.

Портфолиото на „Реплек“ во овој сегмент опфаќа три групи производи, и тоа ЦБД масла, козметика со медицински канабис, како и производи со ЦБД и ТХЦ наменети како дополнителна терапија кај сериозни заболувања, секогаш употребувани во рамки на строгите регулаторни прописи. Со своето десетгодишно искуство, потврдениот квалитет, како и извозот на пазарот на Европската Унија, „Реплек“ денес сериозно ја позиционира земјава на мапата на современата и одговорна фармацевтска индустрија на медицински канабис.

Што ги движи иновативните компании? Реплек и Економскиот факултет отворија дебата за иднината на бизнисот

Како компаниите создаваат конкурентска предност во време на брзи технолошки и пазарни промени, каква улога имаат иновациите, организациската култура и корпоративното претприемништво во процесот на трансформација, како и колку е важна соработката помеѓу бизнисот и академската заедница – беа главните теми на конференцијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која од бизнис, истражувачка и академска перспектива се разговараше за корпоративното претприемништво во услови на пазарна трансформација.

Настанот, организиран од Реплек АД Скопје и Алумни организацијата на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, обедини бројни претставници од бизнис секторот и академската заедница, претставници на институции, медиуми, како и деловни партнери и соработници на Реплек. Преку презентации и панел-дискусии, учесниците имаа можност да се запознаат со современите предизвици со кои се соочуваат компаниите и потребата од континуирана трансформација, агилност и иновативен пристап во работењето.

„Ние во Реплек веруваме дека иновацијата не е само нов производ, нова технологија или нов процес. Иновацијата е начин на размислување, храброст да се преиспитуваат постојните модели, подготвеност да се излезе од комфорната зона и визија што гледа подалеку од денес. Токму затоа, иновативниот пристап е во фокусот на нашето секојдневно работење“, рече во своето поздравно обраќање заменикот генерален директор и директор за маркетинг и продажба на Реплек АД Скопје, Коста Котески.

Тој истакна дека денес успехот не им припаѓа на компаниите што се плашат од промени, туку на оние што имаат храброст да ги водат. При тоа нагласи дека Реплек во изминатите неколку години помина низ значајни промени, од модернизација на процесите, инвестиции во технологија и дигитализација, до организациски трансформации кои создадоа нова енергија и нов правец на развој, со јасен фокус на создавање култура што ги охрабрува идеите, иницијативата и претприемничкиот дух, затоа што ниту една стратегија, ниту една технологија и ниту една визија не можат да успеат без луѓето кои се движечката сила на Реплек.

Во своето обраќање пред присутните, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта истакна дека современите економии бараат нов пристап кон образованието, претприемништвото и лидерството, а Реплек е одличен пример на компанија која ја следи ваквата формула на успех.

„Во денешниот свет компаниите функционираат во средина на постојани, динамични промени, кои бараат нов начин на размислување и нов модел на соработка помеѓу академската заедница и бизнис секторот. Само преку вакви партнерства можеме да создадеме знаење, иновации и кадри кои ќе бидат подготвени за актуелните предизвици, но и за оние што ги носи иднината“, изјави деканот на Економскиот факултет.

Во рамки на првиот презентациски блок, Марија Талеска Велковски, директорка на секторот за стратешки развој, ја презентираше студијата на случај „Од лабораторија до пазар: како Реплек развива нови производи и создава конкурентска предност“. Во својата презентација таа говореше за процесот на развој на нови производи, инвестициите во модернизација, дигитализација и производствени капацитети, како и за начинот на кој компанијата ја гради својата конкурентност на домашните и на странските пазари. Беше посочено дека Реплек денес е присутен на повеќе од 25 меѓународни пазари и континуирано инвестира во нови технологии, иновации и унапредување на оперативната ефикасност.

Сергеј Зафироски, генерален менаџер на Инсајдер ИД, во својата презентација „Психологија на потрошувачите: Како потрошувачите влијаат врз иновативноста и претприемништвото кај компаниите?“ говореше за современите навики на потрошувачите, важноста на анализата на однесувањето на пазарот и потребата компаниите постојано да ги следат промените во очекувањата на клиентите.

Во вториот дел од конференцијата, проф. д-р Стојан Дебарлиев, професор на катедрата по менаџмент на Економскиот факултет, ја одржа презентацијата „Како до иновативна клима во компаниите: модели и практики за поттикнување претприемништво, агилност и култура на промени“. Тој се осврна на организациската култура како еден од клучните фактори за поттикнување иновации и претприемништво во компаниите, нагласувајќи дека лидерството, агилноста и отвореноста кон промени се предуслов за создавање компании подготвени за идните предизвици.

Конференцијата заврши со панел-дискусијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која учествуваа Марија Талеска Велковски, Сергеј Зафироски и проф. д-р Стојан Дебарлиев. Во рамки на дискусијата беше нагласено дека компаниите кои сакаат да создаваат долгорочна вредност мора континуирано да инвестираат во луѓето, новите технологии, организациската култура и знаењето, но и активно да ја поттикнуваат соработката помеѓу бизнисот и академската заедница. Конференцијата е дел од пошироките активности на Реплек насочени кон поддршка на иновациите, развојот на човечкиот капитал и јакнење на соработката со академската заедница. Настанот уште еднаш ја потврди потребата од посилно поврзување помеѓу бизнисот и академската заедница, како предуслов за создавање иновативни, конкурентни и одржливи компании подготвени за идните предизвици.

Второ место за Реплек на HR Days во Ровињ: „РЕсет“ меѓу водечките регионални HR практики

„Реплек“ уште еднаш потврдува дека стратешкиот и современ пристап во менаџирањето со вработените е еден од клучните предуслови за деловен успех. Оваа фармацевтска компанија освои второ место за најдобра регионална HR практика во категоријата компании до 1.000 вработени, на 14-тото издание на конференцијата HR Days, која се одржува од 21 до 23 април во Ровињ, Хрватска.

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на „Реплек“ беше препознаена по својот пристап кон добросостојбата на вработените, преку која успешно се интегрираат грижата за физичкото и менталното здравје, како и создавањето здрави навики, не само во рамки на компанијата, туку и пошироко во заедницата.

„За нас, во фокусот се луѓето, чија добросостојба, мотивација и чувство на припадност се двигател на одржливиот развој. Од една оригинална интерна иницијатива, ‚Ресет’ прерасна во платформа која создава вредност и за заедницата, поттикнувајќи здрави навики, позитивни промени и носејќи значајни резултати,“ истакна Тања Иванова Ѓорѓиевска, директор на секторот за луѓе во „Реплек“, која ја презентираше практиката на настанот.

Конференцијата, во организација на Alma Career Croatia, обедини повеќе од 500 HR лидери, менаџери и експерти од регионот, кои дискутираа за најактуелните предизвици на пазарот на труд, како што се забрзаното влијание на вештачката интелигенција, недостигот на работна сила, одливот на млад кадар и новите регулаторни рамки.

Настанот го одбележаа и инспиративни предавања од докажани експерти од странство, презентирајќи нови знаења и перспективи од оваа област.

Во една таква динамична средина, HR Days повторно ја афирмираше својата улога како платформа каде се среќаваат идеи, искуства и конкретни решенија.

Ова регионално признание претставува јасен показател дека практиките кои се развиваат во „Реплек“ не само што носат вредност за вработените, туку се и препознаени како пример за современо и одговорно управување со луѓето во пошироки рамки.

Платформата РЕсет минатата година беше прогласена за најдобра HR практика во Македонија од Македонската асоцијација за човечки ресурси. Со повеќе од 80 години традиција и јасна ориентација кон иднината, „Реплек“ продолжува да инвестира во луѓето како свој највреден капитал, градејќи култура која создава долгорочна вредност за компанијата, за вработените и за заедницата.

Штип ќе се „ресетира“: Елена Бубало и Бојана Ташков во заедничка фитнес сесија организирана од Реплек

РЕсет платформата на „Реплек“ продолжува да ја шири својата инспиративна фитнес енергија низ земјава. Следна станица во рамки на серијата интерактивни активности е Штип, каде на 25 април, сабота, со почеток во 11.00 часот, во спортската сала на Државниот училиштен центар „Коле Нехтенин“, ќе се одржи осмото издание на настанот, со познатата фитнес инструкторка Елена Бубало. Со засилувањето што ќе го добие од Бојана Ташков од Штип, настанот добива силна регионална компонента и нова мотивациска димензија.

Настанот е дел од РЕсет платформата за добросостојба на „Реплек“, која континуирано реализира бесплатни активности и работилници со цел да поттикне ведар дух, здраво тело и ментална сила кај граѓаните. Преку оваа платформа, компанијата веќе неколку години активно работи на подигање на свеста за значењето на здравите животни навики и нивната улога во севкупната добросостојба.

РЕсет Vol.8 е наменет за сите генерации што создаваат нови навики за здраво тело, ментална сила и баланс, и сакаат да направат позитивна промена во своето секојдневие, преку грижа за сопственото физичко и ментално здравје. Сесијата ќе биде прилагодена за различни нивоа на физичка подготвеност, а учесниците треба да понесат само чисти патики и добро расположение. Покрај штипјани, на настанот се поканети и сите заинтересирани од другите градови од Истокот, кои се подготвени да излезат од зоната на комфорот и да стартуваат со физичка активност.

Учеството на настанот е бесплатно, а пријавувањето се врши преку следниот линк:
https://shorturl.at/iY0I7 Во изминатиот период, РЕсет платформата опфати различни формати на настани, меѓу кои масовни фитнес сесии на отворено, едукативни работилници за паметен пристап кон вежбањето и за други теми поврзани со промовирање на добросостојбата. Летото беше одржан голем настан во Охрид, со поддршка на локалната фитнес инструкторка Емилија Колоска, предизвикувајќи силен интерес кај посетителите. Секое ново издание носи нов концепт, но останува верно на основната цел: да инспирира одржливи позитивни промени кај поединците и заедницата.

„Реплек“ со раст на домашниот пазар од 20% во првиот квартал од годинава и зголемена дивиденда за 25%

Со стабилни продажни резултати и зајакната позиција на домашниот фармацевтски пазар, „Реплек АД Скопје“ ја стартува 2026 година. Во првиот квартал од годинава компанијата оствари вкупни продажби во сегментот Фармација од 7,2 милиони евра, при што домашниот пазар бележи изразен раст од 20%. На акционерското Собрание кое се одржа на почетокот на април беше донесена одлука за зголемување на дивидендата за 25%, а сите останати предложени одлуки беа едногласно усвоени, што претставува потврда за довербата на акционерите во стратегијата за управувањето со компанијата.

Од вкупните продажби, пет милиони евра се реализирани на странските пазари, додека 2,2 милиони евра се остварени на домашниот пазар. Овој значаен раст на домашниот пазар од 20% е резултат на зголемената побарувачка за дел од клучните производни линии, како и на континуираното зајакнување на пазарната позиција на компанијата, што дополнително ја потврдува довербата кај потрошувачите и партнерите.

„Остварените деловни резултати во првиот квартал ја потврдуваат стабилноста на нашето работење, при што особено нè охрабрува растот на домашниот пазар. Двоцифрената стапка на раст е резултат на континуираното унапредување на портфолиото, инвестициите во иновации, модернизацијата на производствените капацитети, како и зајакнувањето на односите со партнерите и пациентите. И натаму ќе останеме силно посветени и на странските пазари, зголемувањето на извозот и на освојувањето нови пазари. Одлуката за зголемување на дивидендата е потврда за стабилната финансиска позиција на ‚Реплек’ и на нашата посветеност кон создавање силна вредност за акционерите“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во текот на првиот квартал дел од извозните активности се одвиваа со изменета динамика, пред сè како резултат на глобалните предизвици во синџирите на снабдување, што во комбинација со геополитичките фактори доведе до поместување на дел од планираните испораки кон почетокот на вториот квартал и беше причина за благо намалување на продажбите во странство за околу осум отсто. Притоа, побарувачката на клучните извозни пазари останува стабилна, а компанијата продолжува со реализација на договорените активности согласно утврдената динамика. Извозните пазари и натаму имаат доминантно учество од околу 75% во вкупните приходи, додека домашниот пазар учествува со приближно 25%, што обезбедува стабилност и диверзификација на приходите.

Акционерите на „Реплек“ годинава ќе добијат дивиденда во бруто износ од 500 денари по акција, што претставува зголемување за 25% во однос на претходната година и е над нивото предвидено со дивидендната политика. Оваа, заедно со сите други предложени одлуки од Управниот одбор на компанијата беа усвоени едногласно од акционерите, што е јасна потврда за нивната доверба во стратегијата и управувањето со компанијата. Компанијата продолжува со реализација на својата стратегија за долгорочен раст и ќе остане посветена на проширување на присуството на меѓународните пазари, со зајакнување на регулаторното присуство преку нови регистрациски постапки на тие пазари. Фокус ќе биде ставен и на развој на нови производи, унапредување на производствените капацитети и континуирана модернизација, како и дигитализација и оптимизација на деловните процеси. Сите натамошни активности ќе имаат за цел да обезбедат одржлив раст на приходите и профитабилноста на среден и долг рок, како и дополнително зајакнување на конкурентската позиција на компанијата.

Јубилејната 2025 – година на значајни резултати и доверба, едногласно потврдена на Годишното собрание на акционерите на Реплек

На 1 април 2026 година, во седиштето на Реплек АД Скопје, се одржа Годишното собрание на акционери, кое помина во транспарентна и конструктивна атмосфера.

На Собранието, акционерите едногласно ги усвоија сите предложени одлуки, потврдувајќи ја довербата во управувањето и во стратешката насока на компанијата.

Во рамки на Собранието беа презентирани и дискутирани резултатите од работењето за 2025, година во која Реплек одбележа значаен јубилеј од 80 години постоење и оствари силни финансиски и оперативни резултати.

Компанијата забележа раст на нето добивката од 36% и зголемување на нето маргината на 14,7%, што ја потврдува ефикасноста на деловниот модел и јасната стратешка ориентација кон одржлив раст.

Акционерите ја усвоија и Одлуката за распределба на добивката, согласно која за 2025 година ќе се исплати дивиденда во износ од 450,00 денари нето, односно 500,00 денари бруто по акција, што претставува 25% раст на дивидендата во однос на 2024 година.

Исплатата на дивидендата ќе започне од 06.05.2026 година и ќе се врши на трансакциските сметки на акционерите.

Во текот на 2025 година, Реплек забележа активен инвестициски циклус насочен кон модернизација на производството, дигитализација и зајакнување на технолошката инфраструктура, како и со проширување на портфолиото и меѓународното присуство, при што извозот учествува со околу 75% од вкупните продажби.

Компанијата остана доследна и на принципите на транспарентно корпоративно управување и општествена одговорност, што беше потврдено и со добивањето на наградата „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентно котирано акционерско друштво на Македонската берза за 2025 година по избор на медиумите.

Јубилејот од 80 години претставува силна основа за новата 80+ фаза на развој, во која Реплек ќе продолжи со инвестиции, интернационализација и поддршка и грижа за луѓето како клучна вредност на компанијата. Реплек АД Скопје останува посветен на одржлив раст, стабилност и создавање долгорочна вредност за своите акционери, партнери и заедницата.

АПТЕКИ ВО КОИ СЕ ДОСТАПНИ КАНАБО И КАНАБО+

РЕбрендираните кремови за лице од колекциите Канабо и Канабо+ се достапни во продажните објекти од списокот во продолжение.

АптекаГрад
АортаТетово
Бле Медика 0Тетово
Бле Медика ХербаТетово
Кенан ФармацијаГостивар
PR фармГостивар
АлтеаКичево
Бруно 1Кичево
Бруно 5Кичево
Аптеки ДНА Ани фармСкопје
Аптека БетиСкопје
Нела фармСкопје
МедлекСкопје
Аптеки ВивалекСкопје
Омега фарм 1Скопје
Сара фарм СтудентскаСкопје
Интеграл фармСкопје
Мери фармСкопје
МаријаСкопје
LajflajnСкопје
ЛинцураСкопје
ПолинСкопје
АкацијаСкопје
Алпи фарм 4, ЦентарСкопје
Алпи фарм 9, Кисела водаСкопје
Алпи фарм 3, РадишаниСкопје
Фарма Прикс 1Скопје
Галениум фарм, ЗебраСкопје
Еурофарм РамсторСкопје
Еурофарм Дајмонд молСкопје
Еурофарм Веро ЏамбоСкопје
Еурофарм ЛептокаријаСкопје
Еурофарм Веро 2Скопје
Виола БисерСкопје
Виола Тобако 2Скопје
Виола ГТЦСкопје
Виола БуњаковецСкопје
ЕликсирСтрумица
Елена ФармГевгелија
ХигијаКавадарци
Фарма МедикаКавадарци
Св. ПантелејмонКавадарци
Бела фармКавадарци
Бела фармНеготино
Градска аптекаКрива Паланка
КамелијаКуманово
ВН Хигија 2Куманово
Роса ВитаБитола
Виа фармОхрид
Мери фармОхрид
Виа фармСтруга
Мента фармПрилеп
БиофармШтип
Здравје 2Штип
Жива фармВелес
Александра фармСвети Николе

„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство

Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.

Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.

„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.

Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.Скопје, 3 февруари 2026 г.

Оваа сабота едукативно со „Реплек“ и Елена Бубало: Совети за правилно вежбање

Во рамките на РЕсет платформата за добросостојба на „Реплек“, под мотото „За мое добро“, ќе се организира уште еден настан посветен на постигнување на добросостојба преку физичка активност. Првиот РЕсет настан во 2026 година добива едукативен карактер и означува уште една година исполнета со енергија и грижа за добросостојбата на заедницата. Наместо класична фитнес сесија, познатата инструкторка Елена Бубало ќе сподели корисни насоки и препораки за паметен пристап кон вежбањето, со фокус на техника, безбедност и свесно движење. Ова седмо издание на настанот, насловено како „Special edition – Вежбај паметно“, ќе се одржи на 31 јануари 2026 (сабота), во 11.30 часот, во салата за вежбање „Фитнес Фабрика“, лоцирана на ул. „Драган Ѓаконовски Шпато“ бр. 18, во скопската населба Карпош 1.

Кога компанијата влегува во 80+ година постоење, продолжува промоцијата на здравите навики преку физичка активност, како и практични совети за правилно вежбање. Изведувајќи ги физичките тренинзи, сигурно сте се запрашале „Дали оваа вежба ја правам како што треба“ или „Што да правам ако ми се вкочани вратот или почувствувам болка во грбот“. Одговорите на овие дилеми е подготвена да ги даде Елена Бубало на претстојното специјално издание на настанот, и тоа на разбирлив и применлив начин, без разлика дали вежбањето се одвива во сала или во домашни услови.

Заинтересираните учесници, кои на оваа едукативна сесија ќе можат да присуствуваат бесплатно, ќе имаат прилика на лице место да видат како се изведуваат основните вежби, да добијат совети како да си помогнат самите кога при вежбањето ќе им се јави болка или напнатост, но и да ги слушнат вистинските насоки како физичките тренинзи да им бидат поддршка, а не да им создаваат дополнителни проблеми. Практично, тоа ќе биде РЕсет за телото, но и за навиките, бидејќи кога ќе се научи да се вежба паметно, телото враќа со повеќе мир и помалку болка.

Пријавувањето за учество на овој настан е на следниов линк: https://shorturl.at/jahNZ

Овој настан е дел од серијата бесплатни активности и работилници што ги реализира „Реплек“, како дел од РЕсет платформата за добросостојба, за поттикнување ведар дух, здраво тело и ментална сила. Досега се одржаа шест сесии посветени на здравиот дух, организирани и реализирани од „Реплек“, во соработка со Елена Бубало. РЕсет платформата, која станува сѐ попопуларна кај граѓаните, се раководи од идејата да инспирира позитивни лични и колективни промени во општеството, преку конкретни активности за создавање здрави животни навики и унапредување на физичкото и менталното здравје кај граѓаните, со помош на докажани професионалци и експерти.

Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот

„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.

Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).

„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.

Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.Скопје, 22 јануари 2026 г.