„Реплек“ на најпрестижниот саем за фармација CPHI – потврда за конкурентноста, квалитетот и интернационалниот потенцијал

Портфолиото на фармацевтската компанија „Реплек“ и оваа година предизвикува голем интерес на CPHI саемот за фармација, кој од 28-ми до 30-ти октомври се одржува во Франкфурт, Германија, под мотото „Ја обликуваме иднината на фармацијата“. CPHI саемот е собир на глобалните лидери во фармацијата и во неговите рамки се презентираат иновациите во индустријата. „Реплек“ го презентира своето производно портфолио – фармацевтски производи и козметика, а значително внимание предизвикуваат производите на компанијата на база на канабис, за кои интересот континуирано расте. Во рамките на саемот, менаџментот на компанијата остварува бројни средби за проширување на соработката и освојување на нови пазари и понатамошно унапредување на позициите кои се градени 80 години, јубилеј кој годинава го одбележува компанијата.

„‚Реплек’ континуирано вложува во дигитализација, иновации, лансирање на нови производи, како и во проширување на пласманите. Наша стратешка цел е продлабочување на постојните партнерства и склучување нови, со цел ширење на компанијата и на пазарите каде што досега не сме биле присутни. Со воведувањето напредни технологии и иновативни решенија во портфолиото, нашите производи и брендови сѐ повеќе го освојуваат меѓународниот фармацевтски пазар, на кој ја потврдуваме нашата позиција како конкурентен производител, но и како сигурен и доверлив партнер. Нѐ радува фактот што реномирани компании од Европската унија, Јужна Америка и Азија го потврдуваат интересот и веќе имаме најава за проширување на соработката. Дополнително, саемот е одлична можност за привлекување потенцијални партнери не само за извоз во регионот и пошироко, туку и за истражување на интересот за Реплек како регионален дистрибутер и партнер за продажба и маркетинг на Балканот“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во рамките на саемот, заедно со меѓународните партнери, „Реплек“ ќе го одбележи и својот 80-годишен јубилеј. CPHI покажува дека долгогодишната фармацевтска традиција е нешто што високо се вреднува на меѓународниот пазар, ја зголемува довербата во компанијата и нејзината конкурентност. Континуираното сертифицирање со EU GMP сертификатот за добри производни практики е уште еден аспект кој значајно влијае на конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар.

CPHI е највлијателниот светски фармацевтски настан, кој годинава се одржува по 36 пат, а свое учество на саемот имаат најзначајните фармацевтски компании. Оваа година саемот на едно место собра повеќе од 62.000 професионалци и експерти од над 166 земји, а нивните предавања за најновите достигнувања во областа на фармацијата предизвикуваат огромен интерес. Присутни се и 2.400 изложувачи од целиот свет. Саемот секоја година се одржува на различна локација. На овој престижен настан компаниите од фармацевтскиот сектор од целиот свет имаат можност за промоција на своите портфолија, како и презентација на нивните иновативни производи и брендови.

Компанијата „Реплек“ околу 75 отсто од своите производи ги пласира на странските пазари, во повеќе од 25 држави во Европската Унија, Централна и Југоисточна Азија, како и во регионот Адрија. Најголема потврда за високиот квалитет и конкурентноста на производите на компанијата која има 80-годишна традиција, е фактот што голем дел од нив на некои од пазарите се во рангот на најпродаваните. 

„Реплек“ континуирано инвестира во модернизација и унапредување на своето производно портфолио, со цел зајакнување на своите пазарни позиции. Во таа насока е и значајното двојно меѓународно признание кое компанијата го доби минатиот месец, односно двата EAEU GMP сертификати, кои се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите за добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати се потврда за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција. Скопје, 28.10.2025

Оваа сабота REset & REtalks со Реплек и Елена Бубало: Вежбај, прашај и инспирирај се

Во рамките на РЕсет платформата на „Реплек“ за добросостојба, под мотото „За мое добро“, продолжува серијалот вежбање со познатата фитнес инструкторка Елена Бубало. Сесијата ќе се одржи в сабота, 18 октомври, со почеток во 11.00 часот, во малата сала во СРЦ „Борис Трајковски“. Овојпат платформата добива додадена вредност, бидејќи учесниците, покрај да вежбаат, ќе имаат можност и да прашуваат како дo подобра форма, но и како да ја одржат добросостојбата. Елена Бубало ќе биде на располагање за прашања од учесниците, како и за совети. Токму и затоа ова шесто издание на настанот е насловено како „REset & Retalks“, најавувајќи уникатно искуство што ќе комбинира динамична сесија на вежбање и отворени разговори за одржувањето на кондицијата и здравите животни навики.

Оваа сесија е дел од серијата бесплатни настани за вежбање и работилници кои ги реализира „Реплек“, во рамките на РЕсет – платформата за добросостојба, за поттикнување ведар дух, здраво тело и ментална сила, а со цел да се подобри нивото на општото здравје кај граѓаните. Учесниците, како и на сите досегашни вакви настани, ќе биде доволно да донесат само простирка за вежбање, во комбинација со својата позитивна енергија.

Меѓу другото, присутните на претстојната „REset & Retalks“ сесија ќе добијат многу практични совети за вежбањето, насоки за исхраната што треба да ја практикуваат доколку сакаат подобри резултати од тренинзите, како и мотивациски препораки како да се надминат личните предизвици што нѐ оттргнуваат од вежбање и тоа да се претвори во начин на живот.

Настанот ќе биде отворен за јавноста, а сите што се подготвени да излезат од комфор зоната ќе можат своето место да го резервираат преку следниов линк: https://shorturl.at/wbNsX.

Носечката идеја на РЕсет платформата е да поттикне позитивни лични и колективни промени во општеството преку конкретни активности за промоција на менталното и физичкото здравје, реализирани со поддршка на професионалци и експерти од релевантни области. Во јуни годинава во рамки на оваа платформа се одржа тренинг на отворено на плажата Бафало во Охрид. Следуваат нови сесии преку кои Реплек и Елена Бубало ќе продолжат да внесуваат свежина и инспирација во промовирањето на добросостојбата.Скопје, 15.10.2025

„Реплек“ со раст на приходите од 18 % во првите девет месеци од годинава и со нова потврда за високите производни стандарди

Првите девет месеци од годинава „Реплек“ ги заврши со силен раст на приходите во сегментот Фармација од 18 % во однос на истиот период од минатата година. Компанијата континуирано инвестира во модернизација, дигитализација и проширување на пазарите, а во изминатиов период високите производни стандарди беа потврдени и со добивање на два EAEU GMP сертификати кои креираат дополнителни можности за проширување на пласманот на производите на 183-милионскиот пазар на Евроазиската економска унија.

Приходите на „Реплек“ остварени во периодот од 1 јануари заклучно со 30 септември годинава изнесуваат 26 милиони евра, што е раст од 18 % во однос на истиот период лани, потврдувајќи ја одржливоста на деловниот модел на компанијата. Од продажбата на домашниот пазар „Реплек“ реализираше приходи од 6,25 милиони евра, додека од странските пазари се остварени 19,74 милиони евра. Ваквата структура на приходи од 75 % остварени од извоз и 25 % реализирани на  домашниот пазар, говори дека компанијата останува доследна на стратегијата на балансирана географска распределба.  

„Овие резултати се јасен показател дека нашата стратегија за одржлив раст, иновации и силно присуство на странските пазари дава резултати. Нашата компанија континуирано вложува во иновации, дигитализација, лансирање нови производи и проширување на пласманите, со цел да обезбеди повисок квалитет, поголема ефикасност и уште поголема сигурност и доверба од нашите деловни партнери, како и од пациентите. Со воведувањето нови технолошки решенија и со проширувањето на производствените капацитети го зајакнуваме нашето позиционирање како силна фармацевтска компанија која ги следи највисоките стандарди на усогласеност и квалитет. Реплек останува посветен на долгорочен развој што создава вредност, како за акционерите и вработените, така и за националната економија“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Стратешки инвестиции и трансформација

Вложувањата во модернизација, дигитализација и во проширување на пазарите се стратешки проекти кои ја зајакнуваат стабилноста и конкурентската предност. Една од тие инвестиции е преминувањето на SAP S/4HANA, од 1 октомври годинава, што обезбедува поголема транспарентност, усогласеност и конкурентска предност, како и неодамнешното пуштање во употреба на новата високо-технолошка линија за серијализација и пакување. Исто така, „Реплек“ на почетокот на годинава отвори претставништва во Босна и Херцеговина и во Србија, а овие два пазари веќе го потврдија својот потенцијал и успешно ги реализираа своите први продажби.

Ново меѓународно признание – успешно издадени EAEU GMP сертификати

Минатиот месец „Реплек“ доби уште едно значајно двојно меѓународно признание, односно беа успешно издадени два EAEU GMP сертификати. Тие се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите на добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати не се само административен документ, туку и сведоштво за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција. Ваквите сертификати се всушност единствен сет на правила за фармацевтските производители во земјите членки на Евроазиската економска унија, кои гарантираат дека лековите се произведуваат според највисоки стандарди за квалитет. Тие креираат дополнителни можности за пласман на производите на Реплек на 183-милионскиот пазар на Евроазиската економска унија, а истовремено се потврда на мисијата на „Реплек“ да обезбеди безбедни, квалитетни и ефикасни лекови, достапни за пациентите на глобално ниво. Скопје, 7 октомври 2025 г.