„Реплек“ одбележува 10 години производство на производи од медицински канабис – реализиран и првиот извоз во ЕУ

Во период кога довербата, стандардите и транспарентноста се клучни во развојот на современата фармацевтска индустрија, „Реплек“ одбележува уште еден значаен јубилеј. Компанијата заокружува 10 години од почетокот на сопственото производство и развој на производи на база на медицински канабис, со што уште во 2016 година стана пионер на домашниот пазар, но и еден од првите регионални играчи.

По цела деценија, „Реплек“ останува единствена компанија во регионот која развојот, производството и стабилноста на производите од медицински канабис ги темели на најстроги фармацевтски стандарди и на долгогодишното искуство во фармацевтското производство. Токму ваквиот пристап овозможува гаранција за безбедност, највисок квалитет и стандардизиран производ, што претставува особено значаен предизвик кога станува збор за производи добиени од растителна суровина.

Во пресрет на овој јубилеј беше остварен значаен успех – реализација на првиот извоз на производите на база на медицински канабис од „Реплек“ на строгите пазари на Европската унија. Пласманот на ваков пребирлив пазар го потврдува квалитетот на портфолиото и во овој фармацевтски сегмент, што „Реплек“ посветено го создаваше во изминатите 10 години.

„Кога пред 10 години стартувавме со овој фармацевтски сегмент, пазарот во земјава реагираше со скептицизам. Бевме пионери во ова поле, и на македонскиот, исто како и на регионалниот пазар. Решивме да бидеме истрајни и напорно да работиме во реализацијата на оваа идеја, а од сегашна перспектива можеме да кажеме дека нашата одлука беше исправна, што се докажа и со успешно реализираниот извоз на пазарот на Европската Унија. За пласман на овие производи има сериозен потенцијал, бидејќи глобалниот пазар на производи од канабис продолжува да бележи силен раст, а потенцијалот за националната економија е голем и треба да биде искористен“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во насока на обезбедување точни, проверени и стручно засновани информации за сите засегнати страни, „Реплек“ во ноември минатата година го отвори КА-информативниот центар наменет за информирање за производите на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков тип во земјава и е основан како подружница на „Реплек“, а функционира како платформа на компанијата која овозможува транспарентна и одговорна комуникација за сите прашања поврзани со употребата на овие производи.                                                КА-информативниот центар има значајна улога во надминување на стереотипите поврзани со медицински канабис и е точка на доверба меѓу компанијата, потрошувачите и стручната јавност.

Откако пред една деценија компанијата го стартуваше производството на производи на база на медицински канабис, таа го водеше процесот систематски и одговорно, обезбедувајќи силни производствени и контролни стандарди. Производствениот процес на „Реплек“ се базира на современа суперкритична CO₂ екстракција и технологија која овозможува висока селективност, репродуктивност и стабилност на екстрактите. Се користи индустриска опрема од реномирани европски производители, а ваквата модерна и валидирана технологија обезбедува поголема ефикасност и подобар принос од суровините, со доследен квалитет во секоја серија. Темелите на овој успех се континуираните инвестиции во напредни технологии, како и врвната експертиза на професионалниот тим на компанијата.

Портфолиото на „Реплек“ во овој сегмент опфаќа три групи производи, и тоа ЦБД масла, козметика со медицински канабис, како и производи со ЦБД и ТХЦ наменети како дополнителна терапија кај сериозни заболувања, секогаш употребувани во рамки на строгите регулаторни прописи. Со своето десетгодишно искуство, потврдениот квалитет, како и извозот на пазарот на Европската Унија, „Реплек“ денес сериозно ја позиционира земјава на мапата на современата и одговорна фармацевтска индустрија на медицински канабис.

Што ги движи иновативните компании? Реплек и Економскиот факултет отворија дебата за иднината на бизнисот

Како компаниите создаваат конкурентска предност во време на брзи технолошки и пазарни промени, каква улога имаат иновациите, организациската култура и корпоративното претприемништво во процесот на трансформација, како и колку е важна соработката помеѓу бизнисот и академската заедница – беа главните теми на конференцијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која од бизнис, истражувачка и академска перспектива се разговараше за корпоративното претприемништво во услови на пазарна трансформација.

Настанот, организиран од Реплек АД Скопје и Алумни организацијата на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, обедини бројни претставници од бизнис секторот и академската заедница, претставници на институции, медиуми, како и деловни партнери и соработници на Реплек. Преку презентации и панел-дискусии, учесниците имаа можност да се запознаат со современите предизвици со кои се соочуваат компаниите и потребата од континуирана трансформација, агилност и иновативен пристап во работењето.

„Ние во Реплек веруваме дека иновацијата не е само нов производ, нова технологија или нов процес. Иновацијата е начин на размислување, храброст да се преиспитуваат постојните модели, подготвеност да се излезе од комфорната зона и визија што гледа подалеку од денес. Токму затоа, иновативниот пристап е во фокусот на нашето секојдневно работење“, рече во своето поздравно обраќање заменикот генерален директор и директор за маркетинг и продажба на Реплек АД Скопје, Коста Котески.

Тој истакна дека денес успехот не им припаѓа на компаниите што се плашат од промени, туку на оние што имаат храброст да ги водат. При тоа нагласи дека Реплек во изминатите неколку години помина низ значајни промени, од модернизација на процесите, инвестиции во технологија и дигитализација, до организациски трансформации кои создадоа нова енергија и нов правец на развој, со јасен фокус на создавање култура што ги охрабрува идеите, иницијативата и претприемничкиот дух, затоа што ниту една стратегија, ниту една технологија и ниту една визија не можат да успеат без луѓето кои се движечката сила на Реплек.

Во своето обраќање пред присутните, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта истакна дека современите економии бараат нов пристап кон образованието, претприемништвото и лидерството, а Реплек е одличен пример на компанија која ја следи ваквата формула на успех.

„Во денешниот свет компаниите функционираат во средина на постојани, динамични промени, кои бараат нов начин на размислување и нов модел на соработка помеѓу академската заедница и бизнис секторот. Само преку вакви партнерства можеме да создадеме знаење, иновации и кадри кои ќе бидат подготвени за актуелните предизвици, но и за оние што ги носи иднината“, изјави деканот на Економскиот факултет.

Во рамки на првиот презентациски блок, Марија Талеска Велковски, директорка на секторот за стратешки развој, ја презентираше студијата на случај „Од лабораторија до пазар: како Реплек развива нови производи и создава конкурентска предност“. Во својата презентација таа говореше за процесот на развој на нови производи, инвестициите во модернизација, дигитализација и производствени капацитети, како и за начинот на кој компанијата ја гради својата конкурентност на домашните и на странските пазари. Беше посочено дека Реплек денес е присутен на повеќе од 25 меѓународни пазари и континуирано инвестира во нови технологии, иновации и унапредување на оперативната ефикасност.

Сергеј Зафироски, генерален менаџер на Инсајдер ИД, во својата презентација „Психологија на потрошувачите: Како потрошувачите влијаат врз иновативноста и претприемништвото кај компаниите?“ говореше за современите навики на потрошувачите, важноста на анализата на однесувањето на пазарот и потребата компаниите постојано да ги следат промените во очекувањата на клиентите.

Во вториот дел од конференцијата, проф. д-р Стојан Дебарлиев, професор на катедрата по менаџмент на Економскиот факултет, ја одржа презентацијата „Како до иновативна клима во компаниите: модели и практики за поттикнување претприемништво, агилност и култура на промени“. Тој се осврна на организациската култура како еден од клучните фактори за поттикнување иновации и претприемништво во компаниите, нагласувајќи дека лидерството, агилноста и отвореноста кон промени се предуслов за создавање компании подготвени за идните предизвици.

Конференцијата заврши со панел-дискусијата „Што ги движи иновативните компании?“, на која учествуваа Марија Талеска Велковски, Сергеј Зафироски и проф. д-р Стојан Дебарлиев. Во рамки на дискусијата беше нагласено дека компаниите кои сакаат да создаваат долгорочна вредност мора континуирано да инвестираат во луѓето, новите технологии, организациската култура и знаењето, но и активно да ја поттикнуваат соработката помеѓу бизнисот и академската заедница. Конференцијата е дел од пошироките активности на Реплек насочени кон поддршка на иновациите, развојот на човечкиот капитал и јакнење на соработката со академската заедница. Настанот уште еднаш ја потврди потребата од посилно поврзување помеѓу бизнисот и академската заедница, како предуслов за создавање иновативни, конкурентни и одржливи компании подготвени за идните предизвици.