Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек прогласена за најдобра HR практика за вработените за 2024 година

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек е прогласена за најдобра практика во областа на човечките ресурси за 2024 година. Највисокото признание за најдобра HR практика, компанијата го доби на годинешното доделување на награди за најдобри практики во оваа област спроведено од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси, преку непосредно гласање.

Реплек во изминатите години ги интензивираше активностите за унапредување на условите на работното место, зголемување на задоволство на вработените и подобрување на продуктивноста. Во согласност со потребите на вработените, нивните очекувања и современите трендови, Реплек ја лансираше платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“. Во рамките на програмата се реализираа низа активности и се имплементираа нови модели кои дадоа значајни резултати во зголемување на задоволството на работното место и зајакнување на имиџот на компанијата како солидно место за развој на кариерата.

„Во услови на турбуленции на пазарот на труд и недостиг на специфични професии, клучен предизвик за компаниите е да создадат услови кои, не само што ќе ги задоволат очекувањата на вработените, туку ќе овозможат и соодветен личен развој. За нас е важна продуктивноста, но цврсто веруваме  дека најзначајната вредност на секоја компанија се луѓето. Без нив нема напредок. Оваа платформа е резултат на нашите заложби да создадеме цврсти врски со нашите вработени и да ја чувствуваат компанијата како своја. Оттука, оваа награда за нас е од големо значење, бидејќи таа е потврда за тоа дека нашите заложби се видливи“, истакна Тања Иванова Ѓорѓиевска, директор на секторот за луѓе во Реплек.

Преку платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ се реализираат неколку активности за воспоставување нови работни модели, меѓу кои се флексибилното работно време и хибридниот модел на работа. Анализите покажуваат дека на 80 % од вработените чии работни позиции го овозможуваат тоа, ги користат овие модели, а дури 83 % искажале поголемо задоволство на работното место. Голем дел од активностите се посветени на создавање на услови за подобар баланс помеѓу работата и здравјето на вработените. За таа цел се реализираа работилници посветени на женското и машкото здравје – „РЕпродуцирај женско здравје 360 – Здрава жена, среќна жена“ и „Во здравјето е силата“, како и работилница на тема „Континуирана едукација за третман на мускулоскелетни заболувања“. За сите вработени достапни се физиотерапевтски услуги на работното место, а вработените се дел и од работилниците на компанијата кои се отворени за јавноста. Анализите од ефектите од оваа платформа покажуваат дека во голема мерка е намален стресот при работата, а зголемена е продуктивноста. Годинава Реплек одбележува 80 години од основањето и продолжува активно да работи на спроведување на платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ во насока на создавање на корпоративна култура во која добросостојбата е начин на живот за сите вработени.

Нова РЕсет работилница на Реплек: Практични совети за добросостојба од д-р Митов

Во организација на Реплек се одржа уште една РЕсет работилница на која практични совети за општа добросостојба сподели познатиот д-р Александар Митов. Работилницата беше посветена на справувањето со предизвиците на модерното време, динамичното секојдневие кое е неопходно да се балансира со грижата за менталното и физичкото здравје. Работилницата е дел од РЕсет платформата за добросостојба на Реплек која промовира ведар дух, здраво тело и ментална сила.

Во сесијата, д-р Митов се фокусираше на предизвиците што ги носи модерниот начин на живот – брзото темпо, недостатокот на време, неквалитетната исхрана, физичката неактивност и стресот. Со едноставен, но аргументиран пристап, тој зборуваше за тоа како да се направат мали, одржливи промени во секојдневието без нагли диети или нереални цели. Работилницата понуди практични совети и конкретни насоки за тоа каде најчесто „попуштаме“, како да ги препознаеме замките на секојдневието и што можеме да преземеме за да создадеме сопствен „РЕсет“ – чекор по чекор, прилагодено на реалниот живот.

Платформата РЕсет креира простор за секој граѓанин кој сака да внесе позитивни промени во својот живот и да го унапреди сопственото здравје и добросостојба. Преку низа отворени активности, Реплек поттикнува нови навики и однесувања што придонесуваат за личен и колективен напредок.

Досега, како дел од РЕсет, се реализираа онлајн работилници со алпинистиката и уметница Илина Арсова и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, како и три настани за физичка активност со Елена Бубало. Овие активности продолжуваат и понатаму. Во годината кога Реплек го одбележува својот 80-годишен јубилеј, платформата РЕсет претставува уште еден доказ за долгорочната заложба на компанијата да придонесува за добросостојбата на поединецот и заедницата, во согласност со нејзините вредности и мисија.