Реплек ги испрати македонските весписти на пат кон Рим по повод 80 години Vespa

Осум членови на Vespa Club Skopje денеска тргнуваат на авантура долга повеќе од 1.600 километри кон Рим, каде што ќе се приклучат на големата прослава по повод 80-годишнината од создавањето на легендарната Vespa. Како поддржувач на иницијативата „Road to Rome 2026“, Реплек ги испрати учесниците на нивното патување, кое ќе ги одведе од Скопје, преку Албанија и Италија, до светскиот собир на весписти, што ќе обедини илјадници љубители на овој препознатлив симбол на слободата на движењето и италијанскиот стил на живеење. Екипата е предводена од претседателот на Vespa Club Skopje, Митко Теохаров, а покрај него, дел од патувањето кон Рим ќе бидат различни генерации весписти, од искусни моторџии и долгогодишни членови на клубот до нови љубители на овој препознатлив бренд, поврзани од заедничката страст кон патувањата, авантурата и дружењето на две тркала. По пристигнувањето во Рим, тие ќе учествуваат на централните настани по повод јубилејот, а патувањето потоа ќе продолжи кон југот на Италија, низ Наполи, Соренто, Поситано и Амалфи, пред враќањето во Македонија на крајот од јуни. Како дел од својата поддршка и со цел секој километар од патувањето да помине без застој, Реплек подготви специјални travel kit пакети со внимателно одбрани производи и практични аксесоари за патување. Под мотото „РЕцепт за слобода и движење“, компанијата ја истакнува важноста на добрата подготовка, грижата за себе и активниот животен стил како дел од секоја успешна авантура. Основан во 2014 година, Vespa Club Skopje денес брои околу 40 активни членови и е препознатлив по промоцијата на културата на возење, стилот и заедништвото што традиционално се поврзуваат со Vespa.

По пробивот на британскиот пазар, Реплек ги претстави своите капацитети и развојни планови пред амбасадорот Метју Лосон

„Реплек“ АД денеска беше домаќин на амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Северна Македонија, Н.Е. Метју Лосон, кој оствари работна посета на компанијата и се запозна со нејзините производствени капацитети, развојни планови и извозни активности.

За време на посетата, менаџерскиот тим и генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, ги презентираа резултатите од развојот на компанијата во изминатите 80 години, актуелните инвестиции во производствени капацитети, како и стратешката определба за зајакнување на присуството на високо регулираните меѓународни пазари.

Посебен акцент беше ставен на неодамнешниот пробив на британскиот пазар, откако британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA) го одобри „Реконазол (ketoconazole) 2% шампон“, првиот медицински производ на „Реплек“ регистриран во Обединетото Кралство. Дополнително, во април годинава компанијата успешно го реализираше и првиот извоз на „Реконазол“ на британскиот пазар, што претставува значаен чекор во интернационалниот развој на „Реплек“ и дополнителна потврда за усогласеноста на производствените и регулаторните процеси со највисоките меѓународни стандарди.

Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, истакна дека британскиот пазар претставува една од најзначајните референци за секој фармацевтски производител.

„За ‘Реплек’, регистрацијата и првиот извоз на ‘Реконазол’ во Обединетото Кралство претставуваат значајна пресвртница во нашата стратегија за интернационализација. Фактот што успешно ги исполнивме строгите барања на британското регулаторно тело – MHRA претставува силна потврда за квалитетот на нашите производи, стручноста на нашите тимови и зрелоста на нашите производствени и регулаторни процеси. Посетата на амбасадорот Лосон е дополнителна потврда за важноста на ова партнерство и охрабрување за нашите понатамошни развојни планови на британскиот и на другите високо регулирани светски пазари“, изјави генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски.

Во оваа прилика, амбасадорот Лосон ги посети и дел од производствените погони на „Реплек“, каде беше запознаен со современите технолошки решенија, високите стандарди за квалитет и безбедност, како и со континуираните инвестиции во модернизација и развој на производството.

За време на средбата беа дискутирани и можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и потенцијалот за натамошно зајакнување на присуството на производите на „Реплек“ и останатите македонски компании на британскиот пазар.

„Реплек“ во континуитет инвестира во унапредување на системот за квалитет, производствените капацитети и развојот на нови производи. Компанијата неодамна по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Производите на „Реплек“ се присутни на повеќе од 25 пазари ширум светот, а извозот претставува еден од клучните двигатели на растот во рамки на новата развојна фаза „80+“.Скопје, 16 јуни 2026 г.

Реплек ја носи РЕсет енергијата во Тиквешијата: Кавадарци ќе вежба со Елена Бубало и Младен Тодоровски

По осум успешни изданија исполнети со позитивна енергија и мотивација, РЕсет платформата на „Реплек“ на 6 јуни пристигнува во Кавадарци, продолжувајќи ја серијата настани низ земјава посветени на здравите навики, активниот животен стил и грижата за добросостојбата. Настанот ќе се реализира со поддршка и учество на фитнес инструкторите Елена Бубало и Младен Тодоровски, кои преку заеднички тренинг и мотивациска атмосфера ќе ги поттикнат присутните да направат чекор повеќе за сопственото здравје и баланс.

Во сабота, спортската сала „Јасмин“, со почеток од 11.00 часот, ќе биде место каде што граѓаните од Кавадарци и целиот тиквешки регион ќе имаат можност да бидат дел од динамична фитнес сесија, наменета за сите генерации и за различни нивоа на физичка подготвеност.

Покрај Елена Бубало, која е заштитен знак на РЕсет активностите, дел од сесијата ќе биде и Младен Тодоровски, инструктор и активен член на локалната фитнес заедница, кој со својата енергија и посветеност кон здравиот начин на живот ужива голема поддршка меѓу своите сограѓани. Неговото вклучување му дава дополнителна локална димензија на настанот и ќе создаде уште посилна поврзаност со посетителите.

Настанот е дел од РЕсет платформата за добросостојба на „Реплек“, креирана со цел да поттикне ведар дух, здраво тело и ментална сила. Преку фитнес активности, едукација и интерактивни настани, таа активно работи на подигање на свеста за значењето на здравите животни навики и важноста на физичката активност во секојдневниот живот.

РЕсет Vol.9 е отворен за сите, без разлика дали редовно вежбаат или одамна не биле на тренинг, дали доаѓаат сами или со друштво, или едноставно сакаат да направат мал „ресет“ од секојдневната рутина. Она што е најважно е учесниците да дојдат со позитивна енергија и подготвеност да направат нешто добро за себе. Учеството на настанот е бесплатно, а пријавувањето се врши преку следниот линк:
https://shorturl.at/t3rMT. Во изминатиот период, РЕсет прерасна во платформа што успешно ги поврзува луѓето преку физичка активност, мотивација и заедничка грижа за добросостојбата. Со секое ново издание, таа носи нова динамика и локален печат, продолжувајќи да ги охрабрува граѓаните да создаваат поздрави и поквалитетни животни навики.