Бидете дел од фитнес авантурата под отворено небо со Реплек и Елена Бубало

Под мотото „За мое добро“, а во рамките на „РЕсет“ платформата за ДОБРОСОСТОЈБА, Реплек ja организира досега најголемaтa фитнес сесија на отворено. Сесијата ќе биде под водство на познатата фитнес инструкторка Елена Бубало, а ќе се одржи на 28 јуни 2025 (сабота) година, во Паркот на Франкофонијата во Скопје, со почеток од 18:30 часот.

Настанот има за цел да поттикне активности кои ќе го подигнат нивното на метална и физичка добросостојба кај граѓаните и ќе го подобрат нивото на општото здравје.

Сесијата ќе биде прилагодена за сите возрасти, без оглед на претходната физичка подготвеност на учесниците. Ќе можат да се вклучат и родителите со помали деца, бидејќи за најмладите е предвидено детско катче.

Дополнителна мотивација за фитнес ќе биде и поддршката од македонските диџеи – диџеј Брик и диџеј Александар Јорданов, кои ќе имаат свој настап во рамките на настанот.

Настанот е отворен за јавноста. Пријавувањето за лицата кои сакаат да вежбаат се врши на следниот линк: https://shorturl.at/L9IWe

Ова е веќе четврто издание на настанот во рамките на „РЕсет“ платформата, чија цел е да поттикне позитивни лични и колективни промени во општеството преку конкретни активности за промоција на ментално и физичко здравје, реализирани со поддршка на професионалци и експерти од релевантни области. Минатиот месец се одржа работилницата за добросостојба во соработка со д-р Александар Митов, на која учесниците имаа можност да стекнат практични совети за здрава исхрана и управување со стресот, а претходно вакви работилници беа организирани и со алпинистиката Илина Арсова, како и со Борче Стаменов – Донирај компјутер.

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек прогласена за најдобра HR практика за вработените за 2024 година

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек е прогласена за најдобра практика во областа на човечките ресурси за 2024 година. Највисокото признание за најдобра HR практика, компанијата го доби на годинешното доделување на награди за најдобри практики во оваа област спроведено од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси, преку непосредно гласање.

Реплек во изминатите години ги интензивираше активностите за унапредување на условите на работното место, зголемување на задоволство на вработените и подобрување на продуктивноста. Во согласност со потребите на вработените, нивните очекувања и современите трендови, Реплек ја лансираше платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“. Во рамките на програмата се реализираа низа активности и се имплементираа нови модели кои дадоа значајни резултати во зголемување на задоволството на работното место и зајакнување на имиџот на компанијата како солидно место за развој на кариерата.

„Во услови на турбуленции на пазарот на труд и недостиг на специфични професии, клучен предизвик за компаниите е да создадат услови кои, не само што ќе ги задоволат очекувањата на вработените, туку ќе овозможат и соодветен личен развој. За нас е важна продуктивноста, но цврсто веруваме  дека најзначајната вредност на секоја компанија се луѓето. Без нив нема напредок. Оваа платформа е резултат на нашите заложби да создадеме цврсти врски со нашите вработени и да ја чувствуваат компанијата како своја. Оттука, оваа награда за нас е од големо значење, бидејќи таа е потврда за тоа дека нашите заложби се видливи“, истакна Тања Иванова Ѓорѓиевска, директор на секторот за луѓе во Реплек.

Преку платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ се реализираат неколку активности за воспоставување нови работни модели, меѓу кои се флексибилното работно време и хибридниот модел на работа. Анализите покажуваат дека на 80 % од вработените чии работни позиции го овозможуваат тоа, ги користат овие модели, а дури 83 % искажале поголемо задоволство на работното место. Голем дел од активностите се посветени на создавање на услови за подобар баланс помеѓу работата и здравјето на вработените. За таа цел се реализираа работилници посветени на женското и машкото здравје – „РЕпродуцирај женско здравје 360 – Здрава жена, среќна жена“ и „Во здравјето е силата“, како и работилница на тема „Континуирана едукација за третман на мускулоскелетни заболувања“. За сите вработени достапни се физиотерапевтски услуги на работното место, а вработените се дел и од работилниците на компанијата кои се отворени за јавноста. Анализите од ефектите од оваа платформа покажуваат дека во голема мерка е намален стресот при работата, а зголемена е продуктивноста. Годинава Реплек одбележува 80 години од основањето и продолжува активно да работи на спроведување на платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ во насока на создавање на корпоративна култура во која добросостојбата е начин на живот за сите вработени.

Нова РЕсет работилница на Реплек: Практични совети за добросостојба од д-р Митов

Во организација на Реплек се одржа уште една РЕсет работилница на која практични совети за општа добросостојба сподели познатиот д-р Александар Митов. Работилницата беше посветена на справувањето со предизвиците на модерното време, динамичното секојдневие кое е неопходно да се балансира со грижата за менталното и физичкото здравје. Работилницата е дел од РЕсет платформата за добросостојба на Реплек која промовира ведар дух, здраво тело и ментална сила.

Во сесијата, д-р Митов се фокусираше на предизвиците што ги носи модерниот начин на живот – брзото темпо, недостатокот на време, неквалитетната исхрана, физичката неактивност и стресот. Со едноставен, но аргументиран пристап, тој зборуваше за тоа како да се направат мали, одржливи промени во секојдневието без нагли диети или нереални цели. Работилницата понуди практични совети и конкретни насоки за тоа каде најчесто „попуштаме“, како да ги препознаеме замките на секојдневието и што можеме да преземеме за да создадеме сопствен „РЕсет“ – чекор по чекор, прилагодено на реалниот живот.

Платформата РЕсет креира простор за секој граѓанин кој сака да внесе позитивни промени во својот живот и да го унапреди сопственото здравје и добросостојба. Преку низа отворени активности, Реплек поттикнува нови навики и однесувања што придонесуваат за личен и колективен напредок.

Досега, како дел од РЕсет, се реализираа онлајн работилници со алпинистиката и уметница Илина Арсова и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, како и три настани за физичка активност со Елена Бубало. Овие активности продолжуваат и понатаму. Во годината кога Реплек го одбележува својот 80-годишен јубилеј, платформата РЕсет претставува уште еден доказ за долгорочната заложба на компанијата да придонесува за добросостојбата на поединецот и заедницата, во согласност со нејзините вредности и мисија.

Со стабилен раст, Реплек ја зацврстува довербата на акционерите – успешно завршено Годишното собрание

На 16 април 2025 година, во духот на транспарентност, отчетност и посветеност кон своите акционери, Реплек АД Скопје го одржа редовното Годишно Собрание на акционери.
Собранието помина во конструктивна и интерактивна атмосфера, во која акционерите ги усвоија сите материјали и предлог-одлуки според однапред утврдениот дневен ред, објавен преку Јавниот повик.

Особено значајна одлука донесена на ова Собрание е исплатата на дивиденда за 2024 година – во износ од 400 денари бруто по акција. Исплатата ќе започне од 2 јуни 2025 година, и ќе се реализира во четири групи, секој понеделник во месец јуни, директно на трансакциските сметки на акционерите.
Оваа одлука претставува потврда за стабилната финансиска состојба на компанијата, како и за континуираната грижа и вреднување на вложувањата на акционерите.

Управниот одбор ги информираше акционерите дека Реплек бележи континуиран напредок и во текот на 2024 година, каде компанијата го задржа трендот на пораст на приходите од продажба забележан во претходните две години, надминувајќи ги проектираните цели од годишниот бизнис план со реализација од 100,5%. За периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, остварени се вкупни приходи од продажба од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 24% во споредба со претходната година.

Одличен старт Реплек забележа и во првиот квартал од  јубилејната 2025 година, кога слави и 80 години од своето постоење. Компанијата овој квартал го заврши со раст на приходите од продажба во сегментот Фармација од 26%, во споредба со истиот период лани.

Присутните акционери беа информирани дека во 2025 година се предвидени инвестиции кои се очекува да надминат 10 милиони евра за унапредување на производствените капацитети, набавка на современа опрема, дигитализација и автоматизација, како и проширување на портфолиото на производи, унапредување на работната средина и вложувања во добросостојбата на вработените.

Како еден од поважните аспекти од воведување на иновации во работењето пред акционерите беше споменато дека е формиран нов Сектор за стратегиски развој кој ќе работи на иновативни решенија, а резултатите од неговото формирање ќе бидат видливи во почетокот на 2026 година.

Во насока на меѓународно проширување на пазарите, акционерите беа запознаени со две нови претставништва во Србија и Босна и Херцеговина, а за 2025 беше најавено понатамошно географско проширување.

Со влезот на Реплек во индексот МБИ10 и приклучувањето на нови 250 акционери за една година, компанијата уште еднаш ја потврди својата визија за просперитет.

Заклучокот беше дека во фокусот на Реплек остануваат луѓето, како посветените вработени, лојалните акционери, задоволните партнери и крајни корисници. Компанијата останува цврсто определена кон одржлив развој, иновации и градење на долгорочна вредност за сите засегнати страни.

РEсет работилница за женското здравје: “РЕализирај сè: вРЕме е за себе, вРЕме е за пРЕглед“

Инспирирани од уверувањето дека личната грижа и навремената превенција се клучни фактори за здрав и квалитетен живот, на 14.04.2025, во организација на Реплек АД, се одржа работилницата „РЕализирај се: вРЕме е за себе, вРЕме е за пРЕглед“ . Овој настан беше посветен на женското здравје, со акцент на раната превенција на рак на дојка.

Работилницата ја отвори генералниот директор на Реплек АД,  Душан Пецовски, кој потенцираше дека здравјето и благосостојбата на вработените се врвен приоритет и составен дел од корпоративната култура на компанијата.

„Веруваме дека свесноста и информираноста се првиот чекор кон здрав живот. Затоа денес сме тука, да научиме, да споделиме и да ги охрабриме сите жени да одвојат време за себе и своето здравје,“ – истакна Пецовски во своето поздравно обраќање пред присутните.

На настанот беше истакнато дека жените често го ставаат сопственото здравје меѓу последните точки на својата агенда, поради многуте обврските во секојдневието, па токму затоа оваа иницијатива имаше за цел да потсети на важноста од редовните прегледи и грижата за себе.

Присутните имаа можност да погледнат стручни презентации од реномирани доктори – врвни експерти во областа на радиодијагностика и јавно здравје.

Доктор Светлана Темелковска, специјалист радиолог за дојка од Институтот за радиологија и член на Националната комисија за рана детекција на рак на дојка, зборуваше на тема: „Раното откривање на ракот спасува животи“.

Во фокусот на предавањето на доктор Маја Јакимовска, субспецијалист за дојка од ГОБ „8ми Септември“, беа „Современи методи на дијагностика“ со посебен акцент на значењето на скрининг програмите.

Пред присутните доктор Елена Ристовска, државен советник и одговорно лице за програмата за скрининг при Министерството за здравство, ја претстави националната програма за рана детекција на малигни заболувања.

Настанот поттикна интерактивна и отворена дискусија меѓу учесниците. Присутните имаа можност да поставуваат прашања и да споделат лични дилеми поврзани со темата за ракот на дојката.

Учесниците на настанот добија прилика да се информираат и како доброволно да се пријавуваат за скрининг мамографијакојасе спроведува согласно Скрининг програмата за рано откривање на рак на дојка на Министерството за здравство. Работилницата РЕализирај сè: вРЕме е за себе, вРЕме е за пРЕглед“ испрати силна порака дека грижата за себе не смее да биде нешто што се одложува – туку врвен приоритет.