Влог во иднината на фармацијата: На својот 80-годишен јубилеј „Реплек“ донираше милион денари за модернизација на Фармацевтскиот факултет

Следејќи ја определбата за унапредување на фармацевтската наука и професија, „Реплек“, во годината во која го одбележува својот 80-годишен јубилеј, донираше 1.000.000 денари за обнова на Фармакоинформативниот центар на Фармацевтскиот факултет при УКИМ во Скопје. Средствата ќе бидат наменети за реконструкција и модернизација на компјутерската училница на факултетот во којa е сместен и Националниот фармакоинформативен центар, со што „Реплек“ ја продолжува својата традиција на инвестирање во знаењето и во иднината на фармацевтскиот сектор.

За компанијата оваа донација има и едно друго, сентиментално значење, а тоа е фактот што пред триесетина години, во далечната 1996 година, токму „Реплек“ донираше средства за изградба на зградата бр.1 на Фармацевтскиот факултет, овозможувајќи значајно подобрување на условите за настава и за научноистражувачка работа. Денешната донација го надградува тој процес, потврдувајќи ја определбата на „Реплек“ да вложува во подобрување на условите за учење и за изведување практична настава кај студентите.

Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“, нагласи дека овој придонес е продолжување на партнерството што компанијата го гради со Фармацевтскиот факултет.

„Осум децении ‚Реплек’ расте заедно со заедницата и со институциите кои ја создаваат иднината на фармацијата. Израснавме во современа компанија која во своите процеси користи напредни технологии, дигитални алатки и вештачка интелигенција. Затоа и сме убедени дека оваа инвестиција во знаење и во подобри вештини на идните генерации фармацевти ќе го движи развојот на науката и ќе придонесе за подобро здравје на заедницата. Очекуваме дека ова плодно партнерство ќе продолжи и во наредните 80 години“, изјави Пецовски.

На настанот за примопредавање на чекот за донацијата, деканот на Фармацевтскиот факултет Скопје, проф. д-р Зоран Стерјев истакна: „Соработката со ‚Реплек’ е пример за вистинско партнерство меѓу индустријата и науката. Вложувањето во модернизација на Фармакоинформативниот центар ќе ги подобри условите за настава и практична работа и ќе овозможи размена на искуства и практики, што е клучно за квалитетна едукација на идните фармацевти“.

„Компанијата ‚Реплек’ – која веќе остави траен белег во историјата на нашиот факултет – и натаму останува наш посветен партнер“, порача деканот Стерјев.

Претседателот на Факултетското студентско собрание на Фармацевтскиот факултет, Бојан Георгиев, нагласи дека за студентите оваа донација значи пристап до подобри услови за студирање и професионален развој.

„Поддршката од ‚Реплек’ е важен сигнал и до другите компании да инвестираат во младите професионалци и активно да придонесуваат за образованието“, рече Бојан Георгиев.

Обновениот Фармакоинформативен центар ќе прерасне во современ, динамичен и инспиративен простор, кој ќе биде поддршка за студентите да учат, експериментираат и професионално да се надградуваат. Дополнително, „Реплек“ донираше и мантили за лабораториска работа на новата генерација млади фармацевти, поддржувајќи го нивниот професионален почеток и иднина во фармацијата.

Реплек ја отвори својата подружница – КА информативниот центар – прв центар за информирање за производите на база на медицински канабис

„Реплек“ ја отвори својата подружница – КА информативен центар, наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков вид во државата и претставува уште еден пионерски чекор во сегментот на производи на база на канабис, кои компанијата прва ги воведе на домашниот пазар, уште во 2016 година.

КА информативниот центар е дел од определбата на „Реплек“ континуирано да воведува иновации во сите сегменти на своето работење, вклучително и во комуникацијата со потрошувачите и сите заинтересирани страни, на кои ќе им овозможи прецизно да се информираат за сите аспекти поврзани со производите Каноил и Канабо на база на медицински канабис. Центарот е лоциран на улица „Свети Кирил и Методиј“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и ќе работи од понеделник до петок, од 9 до 17 часот.

На свеченото отворање на КА информативниот центар присуствуваа доктори, претставници на здравствени институции, како и партнери на компанијата. Заменик генералниот директор и директор на маркетинг и продажба на „Реплек“, Коста Котески, истакна дека отворањето на КА информативниот центар означува нова етапа во развојот на „Реплек“ и во односот со потрошувачите, како и со стручната јавност. 

„Кога во 2016 година инвестиравме во нов фармацевтски сегмент – развој на производи на база на медицински канабис, бевме пионер во регионот, меѓу првите кои го препознаа потенцијалот на оваа област, иако пазарот реагираше скептично. Нѐ водеше потребата на потрошувачите за квалитетна, контролирана и јасно дефинирана палета на производи. Денес, девет години подоцна, ова портфолио е еден од нашите најдинамични и најиновативни сегменти. Со ребрендирањето на нашите производи – Каноил маслата и Канабо производите – под слоганот ‚Биди во свој елемент. РЕ-поврзи се одвнатре и однадвор’, ние ја нагласуваме нашата визија за едукација и иновација, како и нашата мисија да го поддржиме секој потрошувач и секој кој сака да се информира со точни и проверени податоци. Тоа е наша одговорност и наш приоритет. Продолжуваме да се развиваме, да инвестираме и да поставуваме високи стандарди“, потенцира Котески.

Директорот на оператива на „Реплек“, Марјан Велковски, се осврна на историјатот и стандардите на производството на портфолиото на база на медицински канабис. Тој истакна дека „Реплек“ е предводник во овој сегмент – и според стандардите, и според капацитетот да обезбеди квалитетни, безбедни и прецизно формулирани производи за пазарот, поткрепени со силна експертиза на тимот.

Менаџерката за маркетинг на „Реплек“, Ивана Емел Анастасовски, ги претстави ребрендираните линии на производи – Каноил маслата и Канабо производите – и го истакна нивното значење во надминување на стереотипите за употребата на ваков тип производи и значењето на Центарот како проект на „Реплек“ кој треба да им даде поддршка на потрошувачите, овозможувајќи нивна подобра и правилна информираност за производите на база на медицински канабис (ЦБД).  Со отворањето на овој центар „Реплек“ уште еднаш ја потврди својата определба и континуитет за иновации и развој, како и за одговорна комуникација за сегментот производи на база на медицински канабис.

„Реплек“ на најпрестижниот саем за фармација CPHI – потврда за конкурентноста, квалитетот и интернационалниот потенцијал

Портфолиото на фармацевтската компанија „Реплек“ и оваа година предизвикува голем интерес на CPHI саемот за фармација, кој од 28-ми до 30-ти октомври се одржува во Франкфурт, Германија, под мотото „Ја обликуваме иднината на фармацијата“. CPHI саемот е собир на глобалните лидери во фармацијата и во неговите рамки се презентираат иновациите во индустријата. „Реплек“ го презентира своето производно портфолио – фармацевтски производи и козметика, а значително внимание предизвикуваат производите на компанијата на база на канабис, за кои интересот континуирано расте. Во рамките на саемот, менаџментот на компанијата остварува бројни средби за проширување на соработката и освојување на нови пазари и понатамошно унапредување на позициите кои се градени 80 години, јубилеј кој годинава го одбележува компанијата.

„‚Реплек’ континуирано вложува во дигитализација, иновации, лансирање на нови производи, како и во проширување на пласманите. Наша стратешка цел е продлабочување на постојните партнерства и склучување нови, со цел ширење на компанијата и на пазарите каде што досега не сме биле присутни. Со воведувањето напредни технологии и иновативни решенија во портфолиото, нашите производи и брендови сѐ повеќе го освојуваат меѓународниот фармацевтски пазар, на кој ја потврдуваме нашата позиција како конкурентен производител, но и како сигурен и доверлив партнер. Нѐ радува фактот што реномирани компании од Европската унија, Јужна Америка и Азија го потврдуваат интересот и веќе имаме најава за проширување на соработката. Дополнително, саемот е одлична можност за привлекување потенцијални партнери не само за извоз во регионот и пошироко, туку и за истражување на интересот за Реплек како регионален дистрибутер и партнер за продажба и маркетинг на Балканот“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во рамките на саемот, заедно со меѓународните партнери, „Реплек“ ќе го одбележи и својот 80-годишен јубилеј. CPHI покажува дека долгогодишната фармацевтска традиција е нешто што високо се вреднува на меѓународниот пазар, ја зголемува довербата во компанијата и нејзината конкурентност. Континуираното сертифицирање со EU GMP сертификатот за добри производни практики е уште еден аспект кој значајно влијае на конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар.

CPHI е највлијателниот светски фармацевтски настан, кој годинава се одржува по 36 пат, а свое учество на саемот имаат најзначајните фармацевтски компании. Оваа година саемот на едно место собра повеќе од 62.000 професионалци и експерти од над 166 земји, а нивните предавања за најновите достигнувања во областа на фармацијата предизвикуваат огромен интерес. Присутни се и 2.400 изложувачи од целиот свет. Саемот секоја година се одржува на различна локација. На овој престижен настан компаниите од фармацевтскиот сектор од целиот свет имаат можност за промоција на своите портфолија, како и презентација на нивните иновативни производи и брендови.

Компанијата „Реплек“ околу 75 отсто од своите производи ги пласира на странските пазари, во повеќе од 25 држави во Европската Унија, Централна и Југоисточна Азија, како и во регионот Адрија. Најголема потврда за високиот квалитет и конкурентноста на производите на компанијата која има 80-годишна традиција, е фактот што голем дел од нив на некои од пазарите се во рангот на најпродаваните. 

„Реплек“ континуирано инвестира во модернизација и унапредување на своето производно портфолио, со цел зајакнување на своите пазарни позиции. Во таа насока е и значајното двојно меѓународно признание кое компанијата го доби минатиот месец, односно двата EAEU GMP сертификати, кои се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите за добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати се потврда за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција. Скопје, 28.10.2025

Оваа сабота REset & REtalks со Реплек и Елена Бубало: Вежбај, прашај и инспирирај се

Во рамките на РЕсет платформата на „Реплек“ за добросостојба, под мотото „За мое добро“, продолжува серијалот вежбање со познатата фитнес инструкторка Елена Бубало. Сесијата ќе се одржи в сабота, 18 октомври, со почеток во 11.00 часот, во малата сала во СРЦ „Борис Трајковски“. Овојпат платформата добива додадена вредност, бидејќи учесниците, покрај да вежбаат, ќе имаат можност и да прашуваат како дo подобра форма, но и како да ја одржат добросостојбата. Елена Бубало ќе биде на располагање за прашања од учесниците, како и за совети. Токму и затоа ова шесто издание на настанот е насловено како „REset & Retalks“, најавувајќи уникатно искуство што ќе комбинира динамична сесија на вежбање и отворени разговори за одржувањето на кондицијата и здравите животни навики.

Оваа сесија е дел од серијата бесплатни настани за вежбање и работилници кои ги реализира „Реплек“, во рамките на РЕсет – платформата за добросостојба, за поттикнување ведар дух, здраво тело и ментална сила, а со цел да се подобри нивото на општото здравје кај граѓаните. Учесниците, како и на сите досегашни вакви настани, ќе биде доволно да донесат само простирка за вежбање, во комбинација со својата позитивна енергија.

Меѓу другото, присутните на претстојната „REset & Retalks“ сесија ќе добијат многу практични совети за вежбањето, насоки за исхраната што треба да ја практикуваат доколку сакаат подобри резултати од тренинзите, како и мотивациски препораки како да се надминат личните предизвици што нѐ оттргнуваат од вежбање и тоа да се претвори во начин на живот.

Настанот ќе биде отворен за јавноста, а сите што се подготвени да излезат од комфор зоната ќе можат своето место да го резервираат преку следниов линк: https://shorturl.at/wbNsX.

Носечката идеја на РЕсет платформата е да поттикне позитивни лични и колективни промени во општеството преку конкретни активности за промоција на менталното и физичкото здравје, реализирани со поддршка на професионалци и експерти од релевантни области. Во јуни годинава во рамки на оваа платформа се одржа тренинг на отворено на плажата Бафало во Охрид. Следуваат нови сесии преку кои Реплек и Елена Бубало ќе продолжат да внесуваат свежина и инспирација во промовирањето на добросостојбата.Скопје, 15.10.2025

„Реплек“ со раст на приходите од 18 % во првите девет месеци од годинава и со нова потврда за високите производни стандарди

Првите девет месеци од годинава „Реплек“ ги заврши со силен раст на приходите во сегментот Фармација од 18 % во однос на истиот период од минатата година. Компанијата континуирано инвестира во модернизација, дигитализација и проширување на пазарите, а во изминатиов период високите производни стандарди беа потврдени и со добивање на два EAEU GMP сертификати кои креираат дополнителни можности за проширување на пласманот на производите на 183-милионскиот пазар на Евроазиската економска унија.

Приходите на „Реплек“ остварени во периодот од 1 јануари заклучно со 30 септември годинава изнесуваат 26 милиони евра, што е раст од 18 % во однос на истиот период лани, потврдувајќи ја одржливоста на деловниот модел на компанијата. Од продажбата на домашниот пазар „Реплек“ реализираше приходи од 6,25 милиони евра, додека од странските пазари се остварени 19,74 милиони евра. Ваквата структура на приходи од 75 % остварени од извоз и 25 % реализирани на  домашниот пазар, говори дека компанијата останува доследна на стратегијата на балансирана географска распределба.  

„Овие резултати се јасен показател дека нашата стратегија за одржлив раст, иновации и силно присуство на странските пазари дава резултати. Нашата компанија континуирано вложува во иновации, дигитализација, лансирање нови производи и проширување на пласманите, со цел да обезбеди повисок квалитет, поголема ефикасност и уште поголема сигурност и доверба од нашите деловни партнери, како и од пациентите. Со воведувањето нови технолошки решенија и со проширувањето на производствените капацитети го зајакнуваме нашето позиционирање како силна фармацевтска компанија која ги следи највисоките стандарди на усогласеност и квалитет. Реплек останува посветен на долгорочен развој што создава вредност, како за акционерите и вработените, така и за националната економија“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Стратешки инвестиции и трансформација

Вложувањата во модернизација, дигитализација и во проширување на пазарите се стратешки проекти кои ја зајакнуваат стабилноста и конкурентската предност. Една од тие инвестиции е преминувањето на SAP S/4HANA, од 1 октомври годинава, што обезбедува поголема транспарентност, усогласеност и конкурентска предност, како и неодамнешното пуштање во употреба на новата високо-технолошка линија за серијализација и пакување. Исто така, „Реплек“ на почетокот на годинава отвори претставништва во Босна и Херцеговина и во Србија, а овие два пазари веќе го потврдија својот потенцијал и успешно ги реализираа своите први продажби.

Ново меѓународно признание – успешно издадени EAEU GMP сертификати

Минатиот месец „Реплек“ доби уште едно значајно двојно меѓународно признание, односно беа успешно издадени два EAEU GMP сертификати. Тие се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите на добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати не се само административен документ, туку и сведоштво за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција. Ваквите сертификати се всушност единствен сет на правила за фармацевтските производители во земјите членки на Евроазиската економска унија, кои гарантираат дека лековите се произведуваат според највисоки стандарди за квалитет. Тие креираат дополнителни можности за пласман на производите на Реплек на 183-милионскиот пазар на Евроазиската економска унија, а истовремено се потврда на мисијата на „Реплек“ да обезбеди безбедни, квалитетни и ефикасни лекови, достапни за пациентите на глобално ниво. Скопје, 7 октомври 2025 г.

Реплек инвестираше во нов технолошки современ производствен блок по највисоки фармацевтски стандарди

Реплек денес свечено го промовираше својот нов фармацевтски производствен блок, со што значајно се модернизира и автоматизира производствениот процес. Со оваа нова инвестиција, Реплек го зголемува производствениот капацитет за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за 25%. На овој начин истовремено се воведува и врвна фармацевтска технологија која овозможува зголемување на оперативната ефикасност и натамошно усогласување со највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Во рамки на новиот производствен блок е инсталирана најсовремена технолошка линија во која се вградени напредни системи и вештачка интелигенција за контрола на квалитетот во реално време.

Вредноста на оваа инвестиција изнесува над два милиони евра, а до крајот на годината планирани се вложувања во развојни проекти во висина од 10 милиони евра. Овие инвестиции се дел од долгорочната стратегија на Реплек за севкупна модернизација на производствените процеси кои треба да овозможат одржлив раст и дополнително зголемување на извозната конкурентност на компанијата.

Во годината во која одбележуваме 80 години постоење, од особено значење за нас е да зборуваме за инвестициите, плановите и растот кои се темелат на нашата визија и посветеност за долгорочна одржливост. Овој значаен јубилеј за нас претставува и одговорност – да носиме мудри одлуки, да вложуваме во натамошен развој на компанијата во интерес на вработените и нивниот просперитет, како и во интерес на економијата и заедницата. Водени од визијата за добросостојба, вложуваме во врвен квалитет, иновации и зголемување на производствениот капацитет. Преку развој и инвестиции дополнително ќе ги подигнеме потенцијалите на компанијата и ќе ја потврдиме високата конкурентност на светскиот пазар“, истакна Душан Пецовски, генерален директор на Реплек АД Скопје.

На свеченото отворање на новиот производствен блок присуствуваа министерот за здравство Азир Алиу, директорот на МАЛМЕД, Сабри Алити, директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов и амбасадорот на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер. Новата инвестиција ја поздрави и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, истакнувајќи ја како пример за успешна трансформација и модернизација во домашната индустрија.

„Инвестициите во развој во домашните компании се директна потврда за нашите напори за подобрување на бизнис климата во земјата. Сите наши политики се насочени во насока на креирање услови за поголем економски раст кој ќе донесе просперитет. Владата е во отворен дијалог со приватниот сектор и градиме заедничка платформа која има една цел – создавање на поволни услови за водење бизнис. Оваа инвестиција во модерна опрема, која не само што е технолошки напредна, туку и ќе го зголеми капацитетот на производството, е директна потврда за потенцијалите за водење бизнис во земјава. Ние посветено продолжуваме да работиме на дополнително олеснување на условите за водење на бизнис. Го честитам јубилејот на компанијата и посакувам многу успех и во следниот период“, рече премиерот Мицкоски.

Инаку, новата производствена технолошка линија се состои од пет интегрирани единици, поставени во единствен тек со вкупна должина од 16 метри, со што се обезбедува максимална автоматизација, контрола и следливост. Линијата е проектирана согласно највисоките стандарди во фармацевтската индустрија и се состои од целосно автоматизирана единица од реномираната италијанска компанија Marchesini Group, која овозможува брзо и прецизно блистирање, картонирање и серијализација – до 220 блистери во минута. Во новиот производствен блок е позиционирана нова машина за суво мешање IMA Cyclops, со двојно зголемен капацитет, нов магацин за полупроизводи, целосно нова перална и простории за чисти садови и целосна оптимизација на просториите за капсулирање. Со оваа инвестиција, Реплек го потврдува својот стратешки фокус кон иновации, континуирано подобрување на производствените капацитети и обезбедување производи со врвен квалитет за корисниците и партнерите на домашниот и меѓународниот пазар.

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек прогласена за најдобра HR практика за вработените за 2024 година

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек е прогласена за најдобра практика во областа на човечките ресурси за 2024 година. Највисокото признание за најдобра HR практика, компанијата го доби на годинешното доделување на награди за најдобри практики во оваа област спроведено од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси, преку непосредно гласање.

Реплек во изминатите години ги интензивираше активностите за унапредување на условите на работното место, зголемување на задоволство на вработените и подобрување на продуктивноста. Во согласност со потребите на вработените, нивните очекувања и современите трендови, Реплек ја лансираше платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“. Во рамките на програмата се реализираа низа активности и се имплементираа нови модели кои дадоа значајни резултати во зголемување на задоволството на работното место и зајакнување на имиџот на компанијата како солидно место за развој на кариерата.

„Во услови на турбуленции на пазарот на труд и недостиг на специфични професии, клучен предизвик за компаниите е да создадат услови кои, не само што ќе ги задоволат очекувањата на вработените, туку ќе овозможат и соодветен личен развој. За нас е важна продуктивноста, но цврсто веруваме  дека најзначајната вредност на секоја компанија се луѓето. Без нив нема напредок. Оваа платформа е резултат на нашите заложби да создадеме цврсти врски со нашите вработени и да ја чувствуваат компанијата како своја. Оттука, оваа награда за нас е од големо значење, бидејќи таа е потврда за тоа дека нашите заложби се видливи“, истакна Тања Иванова Ѓорѓиевска, директор на секторот за луѓе во Реплек.

Преку платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ се реализираат неколку активности за воспоставување нови работни модели, меѓу кои се флексибилното работно време и хибридниот модел на работа. Анализите покажуваат дека на 80 % од вработените чии работни позиции го овозможуваат тоа, ги користат овие модели, а дури 83 % искажале поголемо задоволство на работното место. Голем дел од активностите се посветени на создавање на услови за подобар баланс помеѓу работата и здравјето на вработените. За таа цел се реализираа работилници посветени на женското и машкото здравје – „РЕпродуцирај женско здравје 360 – Здрава жена, среќна жена“ и „Во здравјето е силата“, како и работилница на тема „Континуирана едукација за третман на мускулоскелетни заболувања“. За сите вработени достапни се физиотерапевтски услуги на работното место, а вработените се дел и од работилниците на компанијата кои се отворени за јавноста. Анализите од ефектите од оваа платформа покажуваат дека во голема мерка е намален стресот при работата, а зголемена е продуктивноста. Годинава Реплек одбележува 80 години од основањето и продолжува активно да работи на спроведување на платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ во насока на создавање на корпоративна култура во која добросостојбата е начин на живот за сите вработени.

Со стабилен раст, Реплек ја зацврстува довербата на акционерите – успешно завршено Годишното собрание

На 16 април 2025 година, во духот на транспарентност, отчетност и посветеност кон своите акционери, Реплек АД Скопје го одржа редовното Годишно Собрание на акционери.
Собранието помина во конструктивна и интерактивна атмосфера, во која акционерите ги усвоија сите материјали и предлог-одлуки според однапред утврдениот дневен ред, објавен преку Јавниот повик.

Особено значајна одлука донесена на ова Собрание е исплатата на дивиденда за 2024 година – во износ од 400 денари бруто по акција. Исплатата ќе започне од 2 јуни 2025 година, и ќе се реализира во четири групи, секој понеделник во месец јуни, директно на трансакциските сметки на акционерите.
Оваа одлука претставува потврда за стабилната финансиска состојба на компанијата, како и за континуираната грижа и вреднување на вложувањата на акционерите.

Управниот одбор ги информираше акционерите дека Реплек бележи континуиран напредок и во текот на 2024 година, каде компанијата го задржа трендот на пораст на приходите од продажба забележан во претходните две години, надминувајќи ги проектираните цели од годишниот бизнис план со реализација од 100,5%. За периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, остварени се вкупни приходи од продажба од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 24% во споредба со претходната година.

Одличен старт Реплек забележа и во првиот квартал од  јубилејната 2025 година, кога слави и 80 години од своето постоење. Компанијата овој квартал го заврши со раст на приходите од продажба во сегментот Фармација од 26%, во споредба со истиот период лани.

Присутните акционери беа информирани дека во 2025 година се предвидени инвестиции кои се очекува да надминат 10 милиони евра за унапредување на производствените капацитети, набавка на современа опрема, дигитализација и автоматизација, како и проширување на портфолиото на производи, унапредување на работната средина и вложувања во добросостојбата на вработените.

Како еден од поважните аспекти од воведување на иновации во работењето пред акционерите беше споменато дека е формиран нов Сектор за стратегиски развој кој ќе работи на иновативни решенија, а резултатите од неговото формирање ќе бидат видливи во почетокот на 2026 година.

Во насока на меѓународно проширување на пазарите, акционерите беа запознаени со две нови претставништва во Србија и Босна и Херцеговина, а за 2025 беше најавено понатамошно географско проширување.

Со влезот на Реплек во индексот МБИ10 и приклучувањето на нови 250 акционери за една година, компанијата уште еднаш ја потврди својата визија за просперитет.

Заклучокот беше дека во фокусот на Реплек остануваат луѓето, како посветените вработени, лојалните акционери, задоволните партнери и крајни корисници. Компанијата останува цврсто определена кон одржлив развој, иновации и градење на долгорочна вредност за сите засегнати страни.