Реплек инвестираше во нов технолошки современ производствен блок по највисоки фармацевтски стандарди

Реплек денес свечено го промовираше својот нов фармацевтски производствен блок, со што значајно се модернизира и автоматизира производствениот процес. Со оваа нова инвестиција, Реплек го зголемува производствениот капацитет за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за 25%. На овој начин истовремено се воведува и врвна фармацевтска технологија која овозможува зголемување на оперативната ефикасност и натамошно усогласување со највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Во рамки на новиот производствен блок е инсталирана најсовремена технолошка линија во која се вградени напредни системи и вештачка интелигенција за контрола на квалитетот во реално време.

Вредноста на оваа инвестиција изнесува над два милиони евра, а до крајот на годината планирани се вложувања во развојни проекти во висина од 10 милиони евра. Овие инвестиции се дел од долгорочната стратегија на Реплек за севкупна модернизација на производствените процеси кои треба да овозможат одржлив раст и дополнително зголемување на извозната конкурентност на компанијата.

Во годината во која одбележуваме 80 години постоење, од особено значење за нас е да зборуваме за инвестициите, плановите и растот кои се темелат на нашата визија и посветеност за долгорочна одржливост. Овој значаен јубилеј за нас претставува и одговорност – да носиме мудри одлуки, да вложуваме во натамошен развој на компанијата во интерес на вработените и нивниот просперитет, како и во интерес на економијата и заедницата. Водени од визијата за добросостојба, вложуваме во врвен квалитет, иновации и зголемување на производствениот капацитет. Преку развој и инвестиции дополнително ќе ги подигнеме потенцијалите на компанијата и ќе ја потврдиме високата конкурентност на светскиот пазар“, истакна Душан Пецовски, генерален директор на Реплек АД Скопје.

На свеченото отворање на новиот производствен блок присуствуваа министерот за здравство Азир Алиу, директорот на МАЛМЕД, Сабри Алити, директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов и амбасадорот на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер. Новата инвестиција ја поздрави и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, истакнувајќи ја како пример за успешна трансформација и модернизација во домашната индустрија.

„Инвестициите во развој во домашните компании се директна потврда за нашите напори за подобрување на бизнис климата во земјата. Сите наши политики се насочени во насока на креирање услови за поголем економски раст кој ќе донесе просперитет. Владата е во отворен дијалог со приватниот сектор и градиме заедничка платформа која има една цел – создавање на поволни услови за водење бизнис. Оваа инвестиција во модерна опрема, која не само што е технолошки напредна, туку и ќе го зголеми капацитетот на производството, е директна потврда за потенцијалите за водење бизнис во земјава. Ние посветено продолжуваме да работиме на дополнително олеснување на условите за водење на бизнис. Го честитам јубилејот на компанијата и посакувам многу успех и во следниот период“, рече премиерот Мицкоски.

Инаку, новата производствена технолошка линија се состои од пет интегрирани единици, поставени во единствен тек со вкупна должина од 16 метри, со што се обезбедува максимална автоматизација, контрола и следливост. Линијата е проектирана согласно највисоките стандарди во фармацевтската индустрија и се состои од целосно автоматизирана единица од реномираната италијанска компанија Marchesini Group, која овозможува брзо и прецизно блистирање, картонирање и серијализација – до 220 блистери во минута. Во новиот производствен блок е позиционирана нова машина за суво мешање IMA Cyclops, со двојно зголемен капацитет, нов магацин за полупроизводи, целосно нова перална и простории за чисти садови и целосна оптимизација на просториите за капсулирање. Со оваа инвестиција, Реплек го потврдува својот стратешки фокус кон иновации, континуирано подобрување на производствените капацитети и обезбедување производи со врвен квалитет за корисниците и партнерите на домашниот и меѓународниот пазар.

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек прогласена за најдобра HR практика за вработените за 2024 година

Платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ на Реплек е прогласена за најдобра практика во областа на човечките ресурси за 2024 година. Највисокото признание за најдобра HR практика, компанијата го доби на годинешното доделување на награди за најдобри практики во оваа област спроведено од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси, преку непосредно гласање.

Реплек во изминатите години ги интензивираше активностите за унапредување на условите на работното место, зголемување на задоволство на вработените и подобрување на продуктивноста. Во согласност со потребите на вработените, нивните очекувања и современите трендови, Реплек ја лансираше платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“. Во рамките на програмата се реализираа низа активности и се имплементираа нови модели кои дадоа значајни резултати во зголемување на задоволството на работното место и зајакнување на имиџот на компанијата како солидно место за развој на кариерата.

„Во услови на турбуленции на пазарот на труд и недостиг на специфични професии, клучен предизвик за компаниите е да создадат услови кои, не само што ќе ги задоволат очекувањата на вработените, туку ќе овозможат и соодветен личен развој. За нас е важна продуктивноста, но цврсто веруваме  дека најзначајната вредност на секоја компанија се луѓето. Без нив нема напредок. Оваа платформа е резултат на нашите заложби да создадеме цврсти врски со нашите вработени и да ја чувствуваат компанијата како своја. Оттука, оваа награда за нас е од големо значење, бидејќи таа е потврда за тоа дека нашите заложби се видливи“, истакна Тања Иванова Ѓорѓиевска, директор на секторот за луѓе во Реплек.

Преку платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ се реализираат неколку активности за воспоставување нови работни модели, меѓу кои се флексибилното работно време и хибридниот модел на работа. Анализите покажуваат дека на 80 % од вработените чии работни позиции го овозможуваат тоа, ги користат овие модели, а дури 83 % искажале поголемо задоволство на работното место. Голем дел од активностите се посветени на создавање на услови за подобар баланс помеѓу работата и здравјето на вработените. За таа цел се реализираа работилници посветени на женското и машкото здравје – „РЕпродуцирај женско здравје 360 – Здрава жена, среќна жена“ и „Во здравјето е силата“, како и работилница на тема „Континуирана едукација за третман на мускулоскелетни заболувања“. За сите вработени достапни се физиотерапевтски услуги на работното место, а вработените се дел и од работилниците на компанијата кои се отворени за јавноста. Анализите од ефектите од оваа платформа покажуваат дека во голема мерка е намален стресот при работата, а зголемена е продуктивноста. Годинава Реплек одбележува 80 години од основањето и продолжува активно да работи на спроведување на платформата „РЕсет – РЕцепт за добросостојба“ во насока на создавање на корпоративна култура во која добросостојбата е начин на живот за сите вработени.

Со стабилен раст, Реплек ја зацврстува довербата на акционерите – успешно завршено Годишното собрание

На 16 април 2025 година, во духот на транспарентност, отчетност и посветеност кон своите акционери, Реплек АД Скопје го одржа редовното Годишно Собрание на акционери.
Собранието помина во конструктивна и интерактивна атмосфера, во која акционерите ги усвоија сите материјали и предлог-одлуки според однапред утврдениот дневен ред, објавен преку Јавниот повик.

Особено значајна одлука донесена на ова Собрание е исплатата на дивиденда за 2024 година – во износ од 400 денари бруто по акција. Исплатата ќе започне од 2 јуни 2025 година, и ќе се реализира во четири групи, секој понеделник во месец јуни, директно на трансакциските сметки на акционерите.
Оваа одлука претставува потврда за стабилната финансиска состојба на компанијата, како и за континуираната грижа и вреднување на вложувањата на акционерите.

Управниот одбор ги информираше акционерите дека Реплек бележи континуиран напредок и во текот на 2024 година, каде компанијата го задржа трендот на пораст на приходите од продажба забележан во претходните две години, надминувајќи ги проектираните цели од годишниот бизнис план со реализација од 100,5%. За периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, остварени се вкупни приходи од продажба од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 24% во споредба со претходната година.

Одличен старт Реплек забележа и во првиот квартал од  јубилејната 2025 година, кога слави и 80 години од своето постоење. Компанијата овој квартал го заврши со раст на приходите од продажба во сегментот Фармација од 26%, во споредба со истиот период лани.

Присутните акционери беа информирани дека во 2025 година се предвидени инвестиции кои се очекува да надминат 10 милиони евра за унапредување на производствените капацитети, набавка на современа опрема, дигитализација и автоматизација, како и проширување на портфолиото на производи, унапредување на работната средина и вложувања во добросостојбата на вработените.

Како еден од поважните аспекти од воведување на иновации во работењето пред акционерите беше споменато дека е формиран нов Сектор за стратегиски развој кој ќе работи на иновативни решенија, а резултатите од неговото формирање ќе бидат видливи во почетокот на 2026 година.

Во насока на меѓународно проширување на пазарите, акционерите беа запознаени со две нови претставништва во Србија и Босна и Херцеговина, а за 2025 беше најавено понатамошно географско проширување.

Со влезот на Реплек во индексот МБИ10 и приклучувањето на нови 250 акционери за една година, компанијата уште еднаш ја потврди својата визија за просперитет.

Заклучокот беше дека во фокусот на Реплек остануваат луѓето, како посветените вработени, лојалните акционери, задоволните партнери и крајни корисници. Компанијата останува цврсто определена кон одржлив развој, иновации и градење на долгорочна вредност за сите засегнати страни.